Охрид, 12. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На претстојните локални избори за гласање се пријавиле 199 болни и изнемоштени лица во Охрид.
Тие своето гласачко право ќе го остварат в сабота, ден пред изборите.
– За гласање на локалните избори пријавени се 199 болни и изнемоштени лица, кои ќе гласаат во домашни услови. Има пријавено и 23 лица кои се ковид позитивни или се во изолација, вели за Супер радио и OhridPress Антигона Сионов од Општинската изборна комисија.
На седмите локални избори во Охрид право на глас имаат 52.477 граѓани. Ќе се гласа на 88 избирачки места.
Како што објавивме претходно, воглавно ќе се задржат промените што беа извршени за време на парламентарните избори, со почитување на протоколите за заштита од COVID-19. Единствено има измена на локацијата кај две избирачки места.
Запишаните избирачи на гласачкото место 1255 1255/1 што беше сместено во просториите на Територијалната противпожарна единица, во овој изборен циклус ќе гласаат во просториите на ОУ „Братство Единство“, односно на гласачко место 1256. Промена има на гласачкото место 1271, бидејќи бројката на запишани избирачи надминува 1.200. Во насока на почитување на ковид протоколите, гласачите од цела улица „Лазо Трпоски“ сега своето право на глас ќе го остварат на избирачкото место 1274, сместено во музичкото училиште „Методи Патче“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива