Охрид, 17. јануари 2022 (ОХРИДПРЕС) – Со просечен дневен досег од 7,7% и неделен од 17,4%, Супер радио е убедливо најслушаната локална радио станица на годишно ниво во регионот и за 2021 година, и останува водечка во својот сегмент и една од најпопуларните радио станици во Република Македонија.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги го објави Годишниот извештај за 2021 година за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици што емитуваат програма на државно ниво преку сателит или преку јавна електронска комуникациска мрежа и на телевизиските станици што емитуваат програма на регионално и локално ниво.
Со просечен дневен досег од 10,8% (во пораст од 4,5%) и неделен од 21,5% (во пораст од 4,3%), Супер радио и во четвртиот квартал на 2021 година остана водечки медиум во својот регион и ја заокружи целата 2021 година од водечката позиција.
Според демографската структура, радиото е скоро подеднакво популарно и кај машката и женската популација, а со одбраната музика и информативните, забавните и спортските содржини успева да привлече широка популација слушатели, скоро од сите возрасти. Супер радио е првиот радиски избор кај 77,7% од популацијата Македонци и 22,3% од Албанската популација во регионот.
Потврда за успешната работа на радио станицата дојде и од локалната заедница, со доделувањето на Св. Климентовата повелба во 2017 година за досегашната успешна работа и придонес за градот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес