Охрид, 15. февруари 2022 (ОХРИДПРЕС) – И понатаму значително намален интересот за имунизација против COVID-19 во Охрид.
Од почетокот на масовната имунизација градов е на трето место по опфатот на вакцинирано население. Но, веќе извесен период интересот за вакцинација кај охриѓани спласна и речиси и да го нема.
– Многу е слаба заинтересираноста за вакцинација против COVID-19. Во текот на вчерашниот ден вкупно со прва и трета доза се вакцинирани 40-50 лица, вели за Супер радио и OhridPress директорката на Здравствениот дом, д-р Ајсел Зејноска.
Согласно неделните извештаи на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) во втората половина на јануари не беше регистрирана промена во однос на процентот на вакцинирано население.
Во минатиот и најновиот неделен извештај се бележи минимално поместување во процентот. Па, така сега во Охрид се вакцинирани 55,2% од вкупната популација, односно 62,6% лица над 12 години и 67,4% граѓани над 18 години.
Инаку, од вчера пунктот за вакцинација против COVID-19 префрлен во Маларична, наспроти Гимназијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес