Охрид, 26. април 2022 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 87 проценти од штрајкувачите во образованието и градинките во Охрид не се задоволни од понуденото решение од Владата и се за продолжување на штрајкот до исполнување на барањата, вели претседателката на на Регионален огранок на СОНК во Охрид, Катерина Крстеска.
Претходно денеска се одржаа состаноци и консултации на ниво на регион и со синдикалните претставници во училиштата.
– Синоќа врз основа на тоа што беше понудено од Влада кон СОНК, одржавме онлајн состанок на ниво на совет. Денес одржав состанок на ниво на регион, синдикалните претставници ќе си одржат на ниво на организација. Штрајкот и денес е во тек, после сумирање на податоците на ниво на држава, на сите штрајкувачи ќе донесеме одлука како ќе биде понатаму, изјави денеска за Супер радио и OhridPress Крстеска.
OhridPress неофицијално дознава дека има поделени мислења помеѓу просветните работници. Дел ја поздравуваат одлуката, но дел се за продолжување на штрајкот. Поддржувачите на штрајкот на СОНК, вработени во ОСУ „Св. Климент Охридски“, денеска излегоа со реакција на последните настани и барањата на просветните работници.
– Со жалење можеме да констатираме дека во моментов исклучиво се преговара за проценти. Факт е дека бараме покачување на платата и понудените 12% се прифатливи, ама тоа е најмалиот наш проблем. Покрај тоа на маса ги ставивме и проблемите со кои со години се соочуваме, а до сега СОНК со ниедна влада не успеа ни делумно да ги реши. Доста ни е од ветувања (а и сега тоа се случува) дека ЌЕ се формира комисија која ЌЕ преговара за правото на превоз на вработените, ЌЕ преговара за регрес за годишен одмор, дека ЌЕ ни биде платена дополнителната работа, ЌЕ ОТПОЧНАТ преговори за нов Колективен договор според кој конечно ќе ја добиваме платата што законски ни припаѓа, а никогаш не ни била исплатена. Она што се смета дека нас ни е во рамките на работата, а не се плаќа (додека во минатото се плаќаше), за пратениците, министрите итн. претставува дополнителна работа која дебело си ја наплаќаат. Ние, просветните работници кои учествуваме во создавање на иднината на државата, сега сме ставени на ѕидот на срамот како да бараме нешто што не ни припаѓа. Не џабе се рекло дека ако сакате да уништите еден народ, прво уништете го образованието. Кај нас тоа одамна се случува и за жал, успешно продолжува, реагираат преку допис до OhridPress поддржувачите на штрајкот организиран од СОНК, вработени во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.
Владата и СОНК синоќа постигнаа согласност за зголемување на платите од 12 проценти со јулската плата во основното и средното образование и во детската заштита. Средствата ќе бидат обезбедени со релабансот на Буџетот. Според Владата, ова зголемување нема да претставува ризик од дополнителна инфлација и нема да се одрази на нормалното сервисирање на обврските од Буџетот. Договорено е и креирање нова методологија за раст на платите која треба да биде завршена до крајот на годинава, а ќе се применува од 2023 година и ќе биде дел од општиот колективен договор.
Штрајкот во основното и средното образование и детските градинки започна на 11-ти април. СОНК бараше зголемување на платите за 18,4 проценти веднаш и усогласување на останатите плати со минималната плата. Владата првично предложи зголемување на платите од 10 проценти, овој предлог не беше прифатен од страна на СОНК, за синоќа да се договорат за покачување од 12%. (Крај)
извор: ОхридПрес/МИА/Слаѓана Стојкова- Костоски фото: ОхридПрес/архива