Забава ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид Охридски приказни ТОП ВЕСТИ

„Охридски приказни“ во „Форт Кафе“ со Ѓоко Симјаноски (Фото/Видео)

Охрид, 10. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа во охридското „Форт Кафе“ се одржа првото февруарско издание на популарните „Охридски приказни“, овој пат со Ѓоко Симјаноски, филмски хроничар и сликар.

Тој им се заблагодари на домаќините за поканата за учество во проектот и ја сподели со јавноста самостојната изложба на портрети „Беше еднаш Холивуд“.

– Ова е една несекојдневна изложба на она што за мене претставува голема љубов – филмот и сликарството. Сега соединето во едно и заедно, како врв на се’ она што сум го правел во животот со голема љубов. Освен професионалното, она за што сум се подготвувал во животот, електроинженер, како втора работа во мојот живот беа неколку нешта – сликарството, водителството во Радио Охрид и ТвМ телевизијата, каде реализирав многу продолженија од серијалот „Филмско око“, но и други емисии поврзани со филмот, порача Симјаноски.

Тој вели дека за да се живее во Охрид треба огромна љубов, а љубовта е двигател на се’.

– Во минатото Охрид беше едне прекрасен и чист град, скоро без загадување. Потоа дојде индустријата, па потоа транзицијата и Охрид повеќе не е она што беше. Секој на свој начин го упропастуваме Охрид, наместо секој на свој начин да го разубавуваме. Само така, Охрид ќе биде вистинска и секогаш убава приказна. Ако нема љубов нема ништо, вели Симјаноски во интервјуто кое вчера беше објавено на OhridPress.

Од „Форт Кафе“ испратија благодарност до Симјаноски за учеството во проектот.

– Благодариме за учеството во „Охридски приказни“ и за прекрасната охридска вечер. З’ш Охрид е градска приказна, порачаа од кафе барот.

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Be 1 Digital Marketing

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука