Скопје/Охрид, 14. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Според Годишната програма за финансирање на изработка на урбанистички планови за 2022 година, Агенцијата за планирање на просторот започна со изработка на Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас на Охридско Езеро.
Ова стои во одговорот на поставеното прашање од страна на редакцијата на OhridPress до Агенцијата за планирање на просторот, за тоа до каде е постапката за донесување на Планот за уредување на охридското крајбрежје.
– За таа цел согласно закон за УП, беа изработени Услови за планирање на просторот и Планска програма за Урбанистички план за подрачја и градби од државно значење за заштитена зона на крајбрежен појас на Охридско езеро. Процедурата за донесување на овој план ја води надлежното министерство. Исто така Ве известуваме дека Агенцијата запланирање на просторот има изработено Просторен план за Охридско-преспански регион („Службен весник на Република Македонија” број 22/10), донесен во 2010 година, со плански период 2005-2020 година, информираат од Aгенцијата за планирање на просторот – Скопје.
Со ова не се дава конкретен одговор на тоа до каде точно е постапката за носење на Планот за уредување на охридското крајбрежје, од кој детално ќе се види каде треба да има плажи и да бидат уредени според посебни критериуми.
Веќе 2 години плажите не работат, а од локалната самоуправа неодамна најавија дека ќе направат се’ за ова лето плажите да бидат уредени.
– Ќе направиме се’, охриѓани и сите оние кои ова лето планираат да го посетат охридското крајбрежје да уживаат на уредени плажи, онакви какви што му доликуваат на Охрид. Локалната самоуправа, организира низа забавни содржини кои ќе привлечат што поголем број посетители надвор од таканаречениот шпиц на туристичката сезона, истакна неодамна Пецаков за МИА.
Иако сме уште на средината на февруари, уште сега треба да се размислува за новата летна сезона, за да не се случи како минатата година, кога дел од плажите на охридското крајбрежје останаа затворени и запуштени, за разлика од Струга, каде како да важат некои други закони.
Градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков неодамна, за Супер радио и OhridPress изјави дека состојбата со плажите и натаму е status quo, поради сé уште недонесениот План за уредување на охридското крајбрежје.
– Проблемот со плажите е во Агенцијата за просторно планирање што не го носи Планот за уредување на охридското крајбрежје, од кој детално ќе се види каде треба да има плажи и да бидат уредени според посебни критериуми. Како локална самоуправа подолг период работиме на изнаоѓање решение за издавање на плажите каде претходно постоеле, вели Пецаков.
Впрочем, состојбата веќе цела година не е мрдната од мртва точка. На почетокот на мај 2022 градоначалникот Пецаков порача дека охридските плажи на кои во 2021-ва се уриваа дивоградби на барање на УНЕСКО, ќе се уредуваат, но следната година, односно 2023-та. Минатата сезона овие плажи функционираа без концесионери, лежалки и шанкови бидејќи постапката е заглавена во институциите на системот.
Екипа на OhridPress неодамна направи обиколка по дел од најатрактивните плажи како „Куба Либре“ и „Кадмо“. На терен е веќе видливо дека времето полека си го зема својот данок и дека е крајно време да се донесе одлука и да се стави крај на агонијата на концесионерите и нефункционалноста на просторот.
И тогаш како причина за неиздавање на плажите беше наведен недонесениот план како треба да изгледа крајбрежјето. Од друга страна пак, министерот за транспорт и врски Благој Бочварски изјави дека има јасни критериуми и законски процедури како општината може да пристапи кон поставување плажи согласно урбанистички план, доколку тој се наоѓа во рамки на Генералниот урбанистички план. За таквата процедура и постапка, согласно новиот Закон се изработува урбанистички проект, кој не треба да оди во Владата, туку Општината може сама да изработи план и да донесе плански документации согласно ГУП-от и планот за управување со УНЕСКО.
Во однос на Урбанистичкиот план за целото крајбрежје Бочварски информира дека изработката е во тек и за тоа се издвоени 30 милиони денари.
Новиот план, покрај тоа каде треба да има плажа, ќе треба да дава и препорака каде и што и смее да се гради и од каков материјал, со цел да се наруши статусот на регионот, на кој му се заканува опасност да биде рангирано како загрозено светско наследство.
Останува да се види дали конечно ќе биде изработен тој план, дали до почетокот на сезоната ќе има време да се постапи по него и како ќе изгледа новата летна сезона во Охрид за која најавите и очекувањата од туристичките работници се дека ќе биде плодна. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес