Охрид, 11. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како по некое непишано правило, пред секоја сезона, повторно во Охрид започнаа да се затвораат патишта, а пристигнаа и дописи и сведоштва за езерски „ајкули“.
Националната телевизија Канал 5 денеска објави сведоштво за неавтохтони видови аквариумски риби, кои синоќа биле пуштени во водите на Охридското Езеро. Според изворот, а и фотографијата која е приложена, настанот се случил доцна синоќа кај „Сараиште“, каде две лица пуштиле во езерото мали аквариумски ајкули.
– Станува збор за непотврдена информација која доколку се испостави како вистинита, може да предизвика загриженост кај граѓаните, објави телевизијата.
Во насока на избегнување на несакани последици, кои би можеле да направат непотребна штета во пресрет на сезоната, OhridPress контактираше со најголемиот и најстариот Pet Shop во Охрид „Сирена“, од каде велат дека станува збор за украсни, аквариумски риби, кои немаат никаква врска со вистинските ајкули.
– Нема никаков простор за загриженост. Дури и да ги ослободиле во езерото, тоа се најчесто риби кои доаѓаат од топлите предели и не можат да преживеат на толку ниски температури во езерото, колку што ги имаме, особено во овој период од годината, вели за OhridPress Љупчо Домазетоски, првиот човек на Pet Shop „Сирена“.
Охридските еколози и нуркачи веќе подолг период наназад информираат дека во водите на Охридското Езеро живеат најмалку шест нови и неавтохтони видови риба, од кои како најчести ги посочуваат гамбези и сончарката. Тие главно се хранат со инсекти и ларви, а се потенцијална опасност и доколку нивниот број се зголеми, можат да ги загрозат автохтоните видови кои живеат во езерото. (Крај)
извор: Канал 5/ОхридПрес фото: архива