Охрид, 23. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Продолжуваат градежните активности на патниот правец Подмоље-Охрид, кој денеска е на помалку од три недели од рокот за завршување, кој го најавија одговорните.
Екипа на OhridPress утрово направи фото и видео репортажа од местото каде се изведуваа најголемиот дел од градежните работи.
Станува збор за делот од надвозникот кај влезот во Охрид, па неколку стотини метри натаму кон Подмоље.
Погледнете како утрово изгледаше овој дел од патот и како течеа градежните активности.
Министерот за транспорт и врски во Владата на Република Македонија Благој Бочварски пред два дена истакна дека најдоцна до 10-ти јули, пред почетокот на шпицот на туристичката сезона, ќе биде готов и автопатот на потегот од Подмоље до Охрид, кој во моментов е затворен за сообраќај.
– На делницата од Подмоље до Охрид ќе се работи постојано колку што е потребно во текот на денот. Ќе се работи и преку викендите, бидејќи во претходните денови имавме лоши временски услови, и до 10-ти јули ќе ја завршиме изградбата на овој дел, рече Бочварски.
Тој неодамна, заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Ејуп Рустеми, изврши увид во градежните активности на автопатот Охрид-Кичево, на делницата од Охрид до Подмоље.
– Реакциите во однос на времениот режим на оваа делница се неприфатливи во време кога привршуваат градежните работи, додаде министерот, притоа побара поддршка од општината и граѓанските здруженија да не ја кочат реализацијата на овој автопат, изјави министерот Бочварски.
Поради реконструкција на патниот правец Подмоље-Охрид, сообраќајот од неодамна се одвива по стариот пат Охрид-Струга, што предизвика големи реакции во јавноста, пред се’ поради безбедноста на овој патен правец, што се потврди и неколку дена по новиот сообраќаен режим, кога за само 24 часа се случија три сообраќајни незгоди. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес