Охрид, 7. јули 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како што OhridPress веќе објави неодамна, на популарниот блог Putuj.rs со чии објави авторот Милош Петровиќ вели дека сака да им ги олесни патувањата и да ги мотивира луѓето да патуваат, беа објавени повеќе содржини од посетата на Охрид.
Тој го посети градот под Самуиловата тврдина со првиот обновен директен лет на Air Serbia од Белград до Охрид, кој оперира четири пати во неделата.
Од ТАВ Македонија, со поддршка на Air Serbia, го пречекаа и беа негови домаќини, со цел промоција на Охрид и Охридското Езеро како дестинациja за патување кај луѓето од соседна Србија, кои од 19-ти јуни 2023 година можат да пристигнат во Охрид за помалку од час и половина, со летовите на Air Serbia на обновената линија Белград-Охрид, која сообраќа 4 пати неделно.
– Српскиот блогер за патувања пристигна на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид со првиот обновен лет на релацијата Белград-Охрид, на 19-ти јуни, а за време на неговиот 5-дневен престој на живописното Охридско Езеро, ги овековечи воодушевувачките пејзажи, неверојатната архитектура, живите и динамични улици и волшебните цркви – во потрага по откривање на скриениот бисер на Балканот – Охрид. Идејата и иницијативата на ТАВ Македонија да ангажира професионалец кој ќе креира водич за патување за Охрид за српската популација на Балканот, на нивниот мајчин јазик, беше реализирана преку различни содржини на социјалните мрежи, креирани и објавени од страна на српскиот блогер putuj.rs, преку текст со фотографии на неговиот блог, преку страниците на Instagram и Facebook, како и преку 30-минутно видео за Охридското Езеро објавено на неговиот канал на YouTube, со наслов „Охрид и Охридското Езеро, приказна со душа“, информираат од ТАВ Македонија.
Додаваат дека за време на неговата посета, блогерот шетал по калдрмата, воодушевувајќи се на стариот град во Охрид, кој е на списокот на светското наследство на УНЕСКО.
– Се восхитуваше на иконичната Охридска тврдина, сведоштво за историското минато на градот и уживаше во архитектонските чуда на црквата „Св. Јован Канео“ и црквата „Св. Софија“. Неговите фотографии и видеа одлично ја доловија суштината на овие историски знаменитости, носејќи ја и водејќи ја неговата публика до самото срце на Охрид. Понатаму, тој патуваше со брод до една од најатрактивните македонски туристички локации со прекрасна околина, манастирот Св. Наум, а имаше и шанса да ги посети и да ужива во природниот спој на изворите на реката Црн Дрим, а подоцна уживаше на плажата со ситни бели камења и беспрекорно проѕирната вода во Трпејца, како и на песочната плажа во Љубаништа. Дополнително на уживањето во пејзажите, имаше шанса и за малку покачување на адреналинот – тој леташе со параглајдер над Охридското Езеро и Галичица, а во текот на целиот престој го доживеа гостопримството на луѓето и градот Охрид, вкусувајќи ги вкусните специјалитети како пастрмка, белвица, ѓомлезе, макало, рибја чорба и уникатната охридска јагула. ТАВ Македонија, во рамките на стратегиите за маркетинг и комуникации на ТАВ Аеродроми, континуирано иницира слични активности од областа на интегрираните маркетинг-комуникации, со цел да ги промовира скопскиот и охридскиот аеродром, како и Охрид, Скопје и Македонија како дестинација за патување за странците од различни држави кои се потенцијални пазари за дојдовни туристи, потенцираат од компанијата.
На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, на 19-ти овој месец пристигнаа првите патници од Белград, со што се одбележа обновувањето на авиолинијата Белград-Охрид-Белград на Air Serbia. Аеродромот во Охрид стана точката за повторно поврзување со Белград, 4 пати неделно или секој понеделник, среда, петок и сабота, со што ќе се зајакне регионалното поврзување и поттикнување на економскиот и туристичкиот раст.
Air Serbia, националниот авиопревозник на Србија, ги обнови директните летови меѓу аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нудејќи им на патниците удобна и сигурна опција за патување меѓу двата динамични града со воздухоплови АТ7 со капацитет од 66 седишта. Со обновувањето на оваа воздушна линија се докажуваат напорите за соработка меѓу Air Serbia и ТАВ Македонија, со цел подобрени можности за патување за патниците, поттикнување на туризмот и олеснување на деловните врски. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива