Скопје/Охрид, 5. август 2023 (ОХРИДПРЕС) – Како и секое лето, така и ова, депонијата во „Буково“ гори и шири токсичен чад до Охрид, Преспа и Ресен и сите т.н. воздушни бањи стануваат токсични, потенцираат активистите од „O2 Иницијатива“ кои додаваат дека од чадот се добива нагон на повраќање.
– Од Центарот за јавно здравје во Охрид издадоа апел за граѓаните и туристите, да внимаваат и ако почуствуваат мирис на чад во утринските часови и навечер, да ги затворат прозорците, да останат во своите домови и да избегнуваат директно вдишување. Решавањето на овој проблем оди преспоро, изградбата на регионалната депонија во Новаци треба да започне дури во 2024 година, а кога ќе заврши кој знае. До тогаш „Буково“ ќе гори и сите места во околината ќе се трујат во најдиректна смисла на овој збор, велат од „O2 Иницијатива“.
Во текот на вчерашниот ден, теренот од депонијата „Буково“, кој беше опожарен се покрива со земја, информираат од ЈП „Охридски Комуналец“ од Охрид.
– Со специјална механизација теренот кој беше опожарен се покрива со големи количини земја, информираат од претпријатието.
Непријатната миризба се чувствува во градот, кој е во екот на својата туристичка сезона, а граѓаните се жалат дека градот мириса неподносливо. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива