Охрид, 4. септември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е помеѓу 67-те дестинации за кои од денеска, 4-ти до 17-ти септември, патниците на Air Serbia ќе може да купат билети по промотивни цени што ќе важат за периодот од 15-ти до 20-ти декември.
Така, во тој период, авиобилетот во еден правец од Белград до Скопје, како и до Охрид, Бања Лука, Барселона, Атина, Тиват, Подгорица, Загреб, Солун, Букурешт, Софија, Тирана, Сараево, Љубљана, Малта, Будимпешта, Ираклион, Ханија, Крф, Родос, Неапол, Фиренца, Дубровник, Пула, Варна и Сплит, ќе чини 39 евра.
На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид на 19-ти јуни годинава пристигнаа првите патници од Белград, со што се одбележа обновувањето на авиолинијата Белград-Охрид-Белград на Air Serbia. Аеродромот во Охрид летово беше точката за повторно поврзување со Белград, 4 пати неделно или секој понеделник, среда, петок и сабота, со што се зајакна регионалното поврзување и поттикнување на економскиот и туристичкиот раст.
Air Serbia, националниот авиопревозник на Србија, ги обнови директните летови меѓу аеродромот „Никола Тесла“ во Белград и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, нудејќи им на патниците удобна и сигурна опција за патување меѓу двата динамични града со воздухоплови АТ7 со капацитет од 66 седишта. Со обновувањето на оваа воздушна линија се докажуваат напорите за соработка меѓу Air Serbia и ТАВ Македонија, со цел подобрени можности за патување за патниците, поттикнување на туризмот и олеснување на деловните врски. (Крај)
извор: vecer.press/ОхридПрес фото: архива