октомври 5, 2023

Струга/Охрид, октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Сите инсинуации, шпекулации и напади за Струга и за Општина Струга се невистинити, а тие доаѓаат од медиумите и од Општина Охрид.

Вака, преку соопштение со детали за работен состанок со мешовитиот експертски тим за изработка на Студијата за оправданост за урбанистичкиот план за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, Општина Струга излезе со сериозни обвинувања до медиумите и до колегите во соседната Општина Охрид.

– За жал, мора да истакнеме дека најголемиот дел од проблемите и потешкотиите кои настанаа и се’ уште постојат во Охридскиот регион произлегува од Општина Охрид и нејзините раководители, кои постојано, под патерицата на од нив платени медиуми, организации и лобисти, ја напаѓаат нашата општина за секаков аспект во секое време и место, без никакви аргументи. Општина Струга, најодговорно и најпрофесионално ги извршувала, ги извршува и ќе ги извршува сите обврски спрема задолженијата кои произлегуваат од мониторинг мисијата на УНЕСКО и од заклучоците од Самитот на УНЕСКО. Ова го потврдува и еден од членовите на мешовитиот експретски тим, кој меѓу другото, образложи дека Општина Струга, спрема УНЕСКО, ја одржува на највисоко ниво заштитата на животната средина, во делот од Струга, но и тоа дека сите инсинуации, шпекулации и напади се невистинити за Струга и за Општина Струга, а тие доаѓаат токму од медиумите и од Општина Охрид, потенцираат од струшката локална самоуправа во информацијата објавена на официјалната страна на Facebook на Општина Струга.

Денеска во Струга се одржа работен состанок чија цел беше беше подетално запознавање на главните заинтересирани страни со процесот на подготовка на Студијата и примена на GIS алатка за прибирање, презентирање и управување со податоците во рамките на природното и културно наследство на Охридскиот регион. Овој состанок се заснова на Иницијативата на Работната група за подготовка на урбанистички план од државно значење за крајбрежниот појас на Охридското Езеро, формирана од Владата на Република Македонија, која има за цел да одржи повеќе состаноци во Охридскиот регион. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука