октомври 5, 2023

Охрид, 5. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Иако немам навика да реплицирам на секоја изнесена лага во јавност, во овој случај чувствувам потреба тоа да го направам, да одговорам на лагите изнесени од Општина Струга, иако сум уверен дека тоа нив ништо не им значи бидејќи нивното функционирање е засновано на „купи ден помини“, стои во реакцијата на Градоначалникот на Општина Охрид, д-р Кирил Пецаков на изнесеното во објавата на официјалниот Facebook профил на Оптшина Струга.

– Да се осудат да коментираат за неодговорно работење оние чие раководство е впишано на меѓународните црни листи за разно-разни злоупотреби во најмала рака е трагикомично. Најодговорно тврдам, дека нити ова раководство, а нити било кое претходно до далечното минато, се дрзнало да не се грижел за зачувување на статусот на УНЕСКО. Како прво, што се однесува до случувањата во Охридскиот регион, а се поврзани со УНЕСКО, треба секој еден практикант на функција да знае дека тука се надлежни повеќе институции централни и локални и дека ниедна од овие институции неможе самостојно да ги пишува заклучоците во извештаите кои го носи УНЕСКО. А за да увидиш во извештајот кои се забелешките треба да го прочиташ, а не да чекаш некој да ти го прераскаже. Понатака, Општина Охрид и јас како нејзин градоначалник, со сите надлежни институции домашни и меѓународни имаме одлична комуникација на поле УНЕСКО. Тоа се потврдило и го потврдиле многубројните посети и работни состаноци. Иако, Општина Охрид која територијално е најопфатена со УНЕСКО, своите задолженија ги извршува редовно и навремено и во ниеден момент не бара кривец во други општини, бидејќи нема потреба да бараш кривец кога си ја работиш работата согласно Закон, реагира Пецаков.

Тој додава дека што се однесува до наводното поткупување медиумите, организациите и лобистите, нема да коментирам, туку ќе оставам тие самите да дадат одговор доколку се чувствуваат повикани.

– Во едно демократско општество за кое постојано се бориме и стремиме да го достигнеме, секој има право да го изнесе својот став без разлика дали тоа ќе е позитивен или негативен за некого. И последно, за крај, ваквите коментари единствено придонесуваат за нарушување на досегашниот искрен пристап кон проблемите со кои се соочуваме во однос на УНЕСКО и воедно се прашувам на кого му одат во корист и зошто, реагира првиот човек на Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука