Охрид/Скопје, 30. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Палење на трска во Охридското Езеро е единствен случај во кој Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) поднел кривична пријава во изминатава година, другите постапки за загадувачите биле прекршочни, вели во неделното интервју на Радио Слободна Европа директорот Сретен Стојковски.
– Оваа година имаме поднесено прекршочни пријави во вредност од околу 600.000 евра. Дел се дадени на спогодување во комисијата при Министерството за животна средина, а дел се процесуирани во надлежните судови. Кривични пријави имаме поднесено само една, а тоа е за палање трската во езерото во Охридскиот регион. Тоа е кривична пријава која е поднесена во моментот, изјави Стојковски.
Според него со прекршочните постапки не се стимулираат загадувачите повеќе да загадуваат бидејќи доколку загадувачите, односно имателите на А-Интегрирани дозволи направат три прекршување на интегрираната еколошка дозвола, тогаш инспекторатот покренува постапка за одземање на дозволата.
– Сите што работат и имаат А-интегрирани инсталации не им е во прилог да направат три прекршувања, бидејќи ќе им се одземе дозволата за работа и ќе мора да престанат со нивните активности, додава тој.
Почетокот на грејната сезона носи позагаден воздух, а инспекторатот е надлежен за за големите инсталации, особено што во земјава има стотици објекти што користат нафта и мазут за загревање.
– Ние ги проверуваме сите А-интегрирани дозволи и нивните емисии. Онаму каде што има континуиран мониторинг го следиме истиот. Во останатите, каде што имаат елаборати за заштита на животна средина, согласно препораките во елаборатите за правење на мерење, ги бараме мерењата дали се направени. Доколку ги надминуваат мерењата имаме санции и ги санкционираме, вели директорот Стојковски.
Додава дека речиси сите болници во примарното и секундарното здравство имаат изработен елаборат за заштита на животна средина. Дел уште се на мазут, а дел преминале на гас.
Неодамна од Граѓанска иницијатива „Шанса за Центар“ извршија обележување низ цела држава, при што се утврдени близу 700 јавни објекти – загадувачи.
Во охридскиот регион се мапирани 36 јавни објекти – загадувачи на воздухот, а според мапата се гледа дека станува збор за објекти од јавното здравство, училишта, градинки, институции под државна и локална капа, но и други установи кои склучиле договори за набавка на екстра лесно масло за домаќинство.
Оод „Шанса за Центар“ апелираа за обраќање и своевиден притисок до пратениците за повеќе пари за борба против загадувањето на воздухот, а до советниците, борбата против загадувањето да биде насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти. (Крај)
извор: ОхридПрес/РСЕ фото: архива