Избор Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Општина Охрид: За ситни политички поени СДСМ ги злоупотребува интересите на децата

Охрид, 30. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Смешни се и во најмала рака несериозни сите празни соопштенија на ОО на СДСМ од Охрид, во кои се прозива оваа Локална власт, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков и воопшто не се вредни за коментирање или одговор, стои во реакцијата на Општина Охрид на изнесеното во соопштението на ОО на СДСМ од Охрид во врска со инвестициите во детските и спортските игралишта.

– Но, денешното соопштение во кое за ситни политички поени се злоупотребуваат интересите на децата, го достигна врвот на неинформираност и дезорентираност на партиските писатели и нарачатели. Токму затоа во интерес на јавноста, со задоволство ќе одговориме на поставените прашања. „За вистински можности за правилен раст и развој на децата“ е парола која е основен мотив на сите реализирани инвестиции и проекти посветени на најмладите во нашата општина. Доказ за тоа е реконструкцијата и изградбата на 18 детски и повеќенаменски спортски игралишта со кои во голема мера е придонесено за подобрување на условите за рекреација и спортување во речиси сите населби и населени места на територија на општината, потенцираат од локалната самоуправа.

Додаваат дека во текот на изминатите две години, подобрени се условите за рекреација на најмладите во населбите „Далјан“, „Рача“, „Гоце Делчев“ и „Лагадин“, на улиците „Крали Марко“, „Јане Сандански“, „Даме Груев“, во селата Пештани, Подмоље, Долно и Горно Лакочереј, во ООУ „Живко Чинго“ во Велгошти, во ООУ „Свети Климент Охридски“, ООУ „Братство“ Лескајца, во ООУ „Христо Узунов“, а во тек се работни активности за реконструкција на детски и спортски игралишта во селата Елашни и Косел и на улица „Карпош Војвода“.

– Оваа локална власт со несмалено темпо продолжува и во иднина да инвестира во сите сфери на живеењето во Општина Охрид, а детскиот развој останува еден од најзначајните приоритети. Драги господа од СДСМ аплаузите за реализираните проекти и остварените ветувања не ги очекуваме од вас, ги очекуваме од граѓаните, кои многу добро знааат кој работи, а кој пишува празни соопштенија и креира лажни вести, реагираат од Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука