Охрид, 30. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – „За вистински можности за правилен раст и развој на децата“, гласеше „визијата“ со која Пецаков и ДПМНЕ пред две години најавуваа градежен бум во областа на терени и игралишта за деца и млади, стои во дописот до медиумите на ОО на СДСМ од Охрид.
– И како добронамерени граѓани би дале громогласен аплауз на нивното ветување, бидејќи вистина децата се нашата иднина. Но! Неспособната локална власт предводена од ДПМНЕ ја уништува секоја добронамерна поддршка и верба која граѓаните им ја поклонаа. Раскош на разочарување, наместо пофалба за сработеното. И во оваа област; за жал, празни ветувања… разочарана е најсуптилната категорија луѓе. Фактите говорат дека алчната Локална власт склучила Договор за јавна набавка со вртоглави 7.379.533 денари, или околу 120.000 евра поделени по ставки за: реконтрукција на спортски игралишта и набавка и монтажа на детски реквизити на постоечки игралишта, изградба на детски и повеќенаменски игралишта. Ова се пари од граѓаните, господо Локалци. Со намена за деца. А не за вие да шерифувате со нив и да манипулирате. На што ли личат детските игралишта? Еве погледнете ги пример само овие во нас. Црногорци, Бараки, „Туристичка“ кај Окта, Лескајца… И оние во детските градинки исто така. Парите кои сте ги предвиделе се повеќе од доволно, а не да изгледаат игралиштата оскудни и без никаква радост за децата. Ако и нив стигнавте да ги разочарате, тогаш дефинитивно го заслужувате епитетот најнеспособни, понеспособни досега немало, стои во дописот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива