Охрид, 29. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Младиот пејач со потекло од Охрид Христијан Настески-Пајак заедно со продуцентот Јован Јованов го преработи хитот „Магија“, со кој Јованов и групата „Магија“ победија на Макфест во 1998 година.
Јованов, кој сега живее и работи во Канада, по 14 години повторно снима како вокал, во дует со Пајак. Новиот аранжман на песната го направи братот на Јован, Иван Јованов-Ивајо. Песната и спотот наскоро ќе бидат промовирани од „Урбан рекордс“, јави порталот сдк.мк.
– Се надеваме дека овој дует ќе биде едно убаво освежување за македонската музичка сцена, но и поттик за нови песни за во иднина, изјави Јованов.
Младиот trap артист со музика започна да се занимава уште од негова 6-годишна возраст, а талентот го наследил од неговиот татко кој е поранешен гитарист и љубител на рок музиката. Вели дека инспирација добива од други артисти, љубител е и на многу други стилови на музика, затоа што секоја музика си има своја тема, убавина и порака…
Пајак се’ посигурно гази по својот музички пат. Неодамна, неговата песна „Bella“, заедно со Лара Иванова беше прогласена за најслушана песна меѓу две изданија на фестивалот Макфест во Штип.
Повеќе за него на неговите профили на Facebook и Instagram. (Крај)
извор: сдк.мк/ОхридПрес фото: архива