Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

СВР Охрид со скоро идентично соопштение од пред една недела за пронаоѓањето на лицата организатори на борби со кучиња, резултати нема

Охрид, 29. ноември 2023 (ОХРИДПРЕС) – На 23-ти и 24-ти ноември 2023 година, СВР Охрид реализира дополнителни контроли на целото подрачје, со цел пронаоѓање и санкционирање на лица организатори на борби со кучиња или други слични активности, што се во спротивност со Законот за заштита и благосостојба на животните.

– Тим од полициски службеници во Охрид, Струга, Кичево и Дебар, извршија обиколки и преглед на одредени локации во периферните региони со отежнат пристап, на авто-кампови како и на повеќе приватни имоти. Извршени се разговори со нивните сопственици како и со лица кои, на посебно оградени простори, чуваат кучиња, чии фотографии се објавувани по социјалните мрежи како организатори на борби со кучиња. Остварени се контакти со претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, од ветеринарните амбуланти на подрачјето како и со инспектор за ветеринарство за што, известен е јавен обвинител, информираат од СВР Охрид.

Додаваат дека, според Законот за заштита и благосостојба на животните, забранета е вклученост, поттикнување, организирање, рекламирање, одржување и обложување на борби со животни, за какви било намени.

– Подолг временски период, во СВР Охрид нема официјално доставена пријава за борба со кучиња, но апелираме до граѓаните доколку забележат ваква појава, да пријават во најблиската полициска станица, информираат од Секторот.

Пред помалку од една недела, од СВР Охрид излегоа со скоро идентично соопштение на денешното. Од Иницијативата за заштита на животните „Лајка“ неодамна алармираа дека во околината на Охрид, на излезот кон Струга, на јавна површина е направен ринг за борби на кучиња, каде се организираат борби.(Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука