Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Меѓународен ден на лицата со попреченост

Охрид, 3. декември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Секој 3. декември се одбележува Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

Во светски рамки, овој ден за прв пат е јавно промовиран во 1992 година од страна на Обединетите нации со цел да промовира разбирање за прашањата поврзани со попреченост, како и да мобилизира поддршка за достоинственост, правата и благосостојбата на лицата со попреченост.

Далечната 1981 година беше прогласена за Меѓународна година на лицата со посебни потреби од страна на Генералното собрание на Обединетите нации. Темата на годината беше „целосно учество и еднаквост“. По ова, тие го прогласија периодот од 1983 до 1992 година како Декада на лица со попреченост на Обединетите нации.

Денес, Меѓународниот ден на лицата со попреченост се стреми да ја зголеми свеста за придобивките што треба да се извлечат од интеграцијата на лицата со попреченост во секој аспект на живеење: политичкиот, социјалниот, економскиот и културниот живот.

Попреченоста може да биде не само физичка, туку и когнитивна, ментална, сетилна, емоционална, развојна или некоја комбинација од нив. Попреченоста може да биде присутна од раѓање или да се појави во текот на животот на една личност. „Попреченост“ е општ поим, кој опфаќа оштетувања, ограничувања во извршување на активности или непречено учество во истите. Поединецот, исто така, може да се квалификува како лице со попреченост доколку тој или таа имал оштетување во минатото или се смета за онеспособен/а врз основа на личен или групен стандард или норма.

Во Игротеката „Радост“ лоцирана во охридската Касарна, со посебен настан „Славење на различностите“, неодамна се одбележа 3-ти декември, Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука