ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

На Свечена академија доделени највисоките општински признанија, Наградата и Повелбите „Св. Климент Охридски“ (Фото)

Охрид, 7. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – И годинава, Охрид на достоен начин го одбележа денот на својот патрон и заштитник, првиот сесловенски писател и основоположник на првиот словенски универзитет, Св. Климент Охридски.

Покрај бројните настани деновиве, вечерва се одржа Свечената академија во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, на која беа врачени и нависоките признанија за оваа година.

Пред бројните гости говор одржа градоначалникот Кирил Пецаков, кој напомена дека во предвечерието на големиот празник, повторно стоиме пред портите на неговиот манастир, ги допираме стоелетијата, ја слушаме светата тишина и го чувствуваме безвременскиот благослов.

– А тој, пресветол… облеан со зраците на сончевиот ореол, со милостив поглед не дарува со мир и спокој, додека ги испишува словата, кои од брегот на Охридското Езеро, со силна духовна енергија пловат во недогледот на вечноста. И додека будни сониме за нова надеж, со најголема љубов и вера, избираме благородни зборови за да оддадеме достојно поклонение на неговото дело, како најцврст столб во темелите на нашата Македонска душа. Како најскапоцен подарок од Бога, доделена ни е честа да го величиме и славиме нашиот молитвеник, духовник, просветител, нашиот најголем учител, Свети Климент Охридски, патронот и чуварот на овој светол град, кој гордо опстојува низ милениумската историја. Почитувани присутни, драги гости, ценети делегации, мои охриѓани, дами и господа…Дозволете ми да ве поздравам и да ви посакам срдечно добредојде на оваа прекрасна декемвриска свеченост, со која заедно ќе обзнаниме уште една приказна за Охрид, проткајана со животот и успесите на нашите најзначајни охриѓани, кои се вредни за Светиклиментовата привилегија и ја продожуваат светата традиција. Упатувам искрена благодарност и до сите наши пријатели кои ни испратија искрени празнични честитки, со низа желби и убави зборови што многу ни значат. „Оче Клименте, славен како река духовна, што излегува тајно од рајот и протечува на четири страни, со своите зборови на сите краишта на земјата, ти сите ги упатуваш на вера со твоето златно учење…Сјае Охридската црква како крин огреана од твоите молитви….Пружи ги своите пречесни раце за милост, просвети не, заштитувајќи не од сите зла, укрепувајќи, простувајќи…“… со овие зборови на неговиот анонимен ученик, како најубав стих и најмилозвучна песна, му се обраќаме и ние денес, зошто знаеме дека будно бдее над нашите дни и ни испраќа помош, кога ни е најпотребна. Светиклиментовите идеи во Охрид стануваат запис во срцата на богољупците, а силата на охриѓани и на Македонците е во заслугот на светата мисла и во почитта на неговите пораки за човекољубие и хуманост. Со својата мисија, Свети Климент ги отвори вратите на новата црква и од нејзиното предворје во ластовички лет го пушти словото на писменоста, да оди и да се враќа, да полетува и да ги прелетува сите словенски пространства. Одејќи по стапките на своите духовни отци, тој го расеа семето по плодната почва на Македонија, во книжна недоглед и во совршен ред. Со наднебесна смисла на пораките божји, ги даруваше словенските народи со духовна светлина издигнувајќи ги на културната и цивилизациска сцена. Свети Климент е паметник на македонскиот дух, неговото дело е вечен израз на македонската гордост, а неговата визија за знаењето стана најважниот дел од нашата национална свест. И по толку години, децении и векови нанижани како ѓердан од бисери, исполнети со храброста на Македонскиот народ, застануваме повторно на изворот на словото и светлината, што блика од највредното наследство што ни го остави нашиот Климент. Неговото дело е толку големо што добива димензии на бесконечност… на нешто кое своето име гo втиснало во вечноста и ги врежало длабоко во светската меморија. Неговите дарови постојано го осветлуваат нашиот пат и ни даваат крилја да достигнеме до изобилство на знаење и духовна благосостојба… „Свети Климент како да не беше од земјава, како да беше пратен од небо да го прогласи словото Божјо…тој е несразмерно богомудар и плодовит чудотворец… светозрачно сонце на словените, кој на небо е рамен со дванаесетте свети апостоли….“ ќе напише нашиот најголем преродбеник Григор Прличев, кој покрај сета посвета на светецот, ќе даде заклучок дека „Воопшто не можеме да најдеме зборови и мисли со кои ќе го пофалиме Климента како што треба“… па затоа, ЈАС, што и да кажам во оваа моја беседа ќе биде премалку и ќе делува прескромно за да се опише таа величествена големина и светост…. Ценети пријатели, во мое и ваше име, со искрена молитва и едноствна реч, Посакувам вечно да живеее Светиклиментовата писменост, Светиклиментовата црква и Светиклиментовата школа и нека биде вечен неговиот благослов за Охрид и Македонскиот народ. Нека овие мигови на заедништво и радост продолжат да бидат наша определба за поубаво утре! Нека е за многу години големиот празник, да славиме и чествуваме во здравје и среќа уште многу лета Господови и да го оставиме во аманет на идните поколенија! Нека е вечен Свети Климент, нека е вечен Охрид, нека е вечна Македонија!, истакна градоначалникот Пецаков.

Поетот, драматург и романсиер Јордан Плевнеш е годинашен добитник на наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“. Според Стручната Комисија, во споредба со другите предлози, се издвојува импозантната биографија на проф. д-р Плевнеш, неговото животно дело и неговата завидна научна дејност во областа на физиката, техничките и компјутерските науки и неговата афирмација на Охрид и Република Македонија насекаде во Светот.

– Наградата Свети Климент Охридски, највисокото признание на Општина Охрид за мене означува една форма на временско отворање на епохите. Во сите осум милениуми на Охрид како да лебди Светиклиментовиот лик како основач на првата школа на хуманизмот во Европа. Имаше голема церемонија во Франција кога добив Гран при за животно дело и тогаш беше возбудата многу голема, но кога прочитав и кога ми го испратија писмото од општина Охрид во името на градоначалникот и стручната комисија, во мене се роди едно посебно чувство дека само Охрид може да Ве дарува со вечност и само Свети Климент може да Ве благослови. Наградата за мене е едно големо признание кое го доживувам како една интимна благодарност од мене, од мојата сопруга и од моите синови до градот Охрид, истакна Плевнеш.

Тој во името на Охридската академија за хуанизам на градоначалникот Кирил Пецаков му ја предаде документацијата за поставување на првиот и единствен Споменик на хуманизмот во светот токму во Охрид. Тој изрази надеж и верување дека во најскоро време оваа убава иницијатива ќе биде реализирана.

Интернационалниот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“, Гласот на Охрид, легендарната спикерка и радио водителка Леонора Чекреџи и младата спортска надеж на Охрид, таеквондистката Христијана Парулеска се годинешни добитници на Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ за 2023 година.

„Поетска ноќ во Велестово“ е интернационален поетски фестивал и е најзначајниот меѓународен настан од областа на поезијата во нашиот град и го привлекува вниманието на поети од цел свет.

Леонора Чекреџи беше спикерка и водител која својата кариера ја помина во Радио Охрид. Таа беше најпознатиот глас на Охрид, кој му даваше боја и убавина на градот. Почина неодамна и наградата и’ се доделува постхумно, како признание за нејзината 40 годишна спикерска дејност како и за членувањето во многу културно-уметнички друштва, за што Чекреџи има добиено бројни награди, признанија и плакети.

– Таа беше најпрепознатливиот глас во Охрид, кој му даваше боја и убавина на радиото. Важеше за исклучителен професионалец, борец за чистиот македонски јазик и неговата употреба, особено во медиумите, стои во Апликацијата за наградата, која ја прими нејзината ќерка Валентина Паскали.

Христијана Парулеска оваа година постигна историски врвни спортски успеси во индивидуални спортови. Беше прогласена за најдобра кадетка на Европското првенство. Таа го достигна европскиот трон и стана европска првенка со освоени два медали, златен во борба и сребрен во категоријата борба со замислен противник.

Активностите за чествување на патронот на Охрид ќе завршат утре, за кога е предвиден поклон пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, во 11:00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски во ООУ „Свети Климент Охридски“, а на пладне ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Свети Климент Охридски на Градскиот плоштад. Програмата предвидува и врачување награди на најдобрите поетски творби на конкурсот по повод Патронот на Охрид. Оваа година, програмата ќе заврши со проекција на филмот „Охрид, Охрид убав мил“ на познатиот македонски и охридски режисер Илија Пиперскоски во големата сала на Општина Охрид со почеток во 19:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука