Охрид, 5. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – На предлог на охридското Супер радио, најпознатиот глас на Охрид, вокалот кој му даваше боја и убавина на градот, Леонора Чекреџи е добитник на Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“.
Наградата и’ се доделува постхумно, како признание за нејзината 40 годишна спикерска дејност како и за членувањето во многу културно-уметнички друштва, за што Чекреџи има добиено бројни награди, признанија и плакети.
– Таа беше најпрепознатливиот глас во Охрид, кој му даваше боја и убавина на радиото. Важеше за исклучителен професионалец, борец за чистиот македонски јазик и неговата употреба, особено во медиумите, стои во Апликацијата за наградата.
Согласно правилата за аплицирање, зад доделувањето на повелбата на Чекреџи застана и Веле Митаноски, поранешен директор на Радио Охрид во два мандати и главен и одговорен уредник на весникот „Езерски Глас“.
– Станува збор за личност, која целиот работен век го помина во Радио Охрид, институција која, во едно време, не беше само информативен медиум, туку хроничар на градот, сведок на неговиот растеж, со еден збор – историја. Токму во една таква средина, како спикер и водител, со предиспозиции многу поголеми од самиот Охрид, Чекреџи израсна во исклучителен професионалец, надарен познавач и трудољубив борец за чистотата и правилниот изговор на кодифицираниот македонски јазик литературен јазик, потенцира Митаноски.
Едно од последните интервјуа Чекреџи го даде токму за Супер радио на 18-ти мај минатата година, каде на наше огромно задоволство и чест беше заштитен вокал на прославата на 30-тиот роденден. Покрај аудио снимката и интервјуто кое го даде тогаш, дигиталниот отисок, односно графикот од нејзиниот вокал е дел од логото за прославата на роденденот.
Има нешто посебно во магијата на радиото, во можноста да раскажеш приказна, да пренесеш емоција, да создадеш нов свет и да допреш до луѓето само преку звук. Поминаа многу години, а радиото остана универзален медиум кој нуди 24 часа забава, едукација, јавни дебати и e составен дел од секојдневието. Милијарди луѓе од целиот свет и натаму секојдневно слушаат радио, а тоа и натаму го држи приматот како најбројна и најголема медиумска платформа. Успеа да се прилагоди најбрзо на новото – дигитално време и останува верен пријател на слушателите.
Во Охрид радио приказната започна во далечната 1957 година, од кога со звуците на „Билјана платно белеше“ Радио Охрид го започнуваше секој нов ден. Следуваше Супер радио и многу други станици, кои секоја на свој начин се вградија во оваа голема приказна. Токму во Радио Охрид целата своја професионална кариера ја помина и нашата денешна соговорничка, дамата која е сопственик на еден од најубавите и најпрепознатливите гласови во Охрид – Леонора Чекреџи – Гласот на Охрид.
Комплетното интервју ОВДЕ.
Почина во својот сакан Охрид, на 85-годишна возраст, на 31. јули 2023 година.
Вечна и’ слава. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио