Охрид, 13. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Од почетокот на годинава заклучно со ноември во општинската каса легнале речиси 19,5 милиони денари по основ на туристичка такса, информираа за Супер радио и OhridPress од локалната самоуправа.
Во септември е остварен најголем приход од речиси 4,4 милиони денари.
Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија забележа една од поуспешните сезони во текот на последните години. Во прилог на тоа одат и бројките на посетители и инкасираното во општинската каса по основ на туристичка такса. Очекувањата се годинава да биде заокружена со поголем приход од туристичка такса во однос на лани, кога изнесуваше 24.327 565 денари.
Инаку, од почетокот на годинава заклучно со септември во Охрид престојувале вкупно 287.346 туристи од кои повеќе од половина, 162.453 биле странски.
Притоа биле остварени 1.052 751 ноќевања, од нив близу 700 илјади се од домашни туристи.
Според податоците од одделението за туризам при Општина Охрид во овој деветмесечен период најмала посетеност се бележи во првиот квартал, со вкупно 20.100 посетители. Сликата во останатите месеци, разбирливо е сосем поинаква. Најмногу гости имало во август, 72.259 и во јули 65.818.
Од статистичките податоци за анализираниот период може да се извлече заклучок дека во месеците февруари, јули и август бројот на странски туристи кои го посетиле Охрид е помала во однос на домашните, додека во останатите месеци доминираат странците.
Пред нас се новогодишните празници, најавите за исполнетост на градот се одлични, па 2023 година ќе ја потврдиме како една од поуспешните последниве години кога е туризмот во прашање. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес