декември 14, 2023

Скопје/Охрид, 14. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – Најпосетени градови во Република Македонија се Скопје со раст на туристи од 5% споредено со најтуристичката референтна 2019 година и Охрид со раст од 7%, информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ).

Резултатите за годинава и проекциите за 2024 ќе се надминат, туристичкиот сектор во полна кондиција очекува близу 600 милиони долари прилив во БДП-то за 2023. Предвидувањата на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот за туристичките текови за 2023 година се остваруваат. Целокупните резултати во туризмот се во насока не само на закрепнување на овој сектор, туку и на негов раст, со позитивен импакт во македонската економија. Македонската туристичката индустрија може да се пофали со рекордни 471,59 милиони долари прилив во македонската економија за првите три квартала од 2023 година. Туристичкиот промет покажа раст и во третиот квартал за 2023 година и изнесува 241,86 милиони долари во македонската економија, со раст од 26,2% споредбено со истиот период 2022 година. Вкупно трите квартали за 2023 година имаат раст од 25% компарирано со периодот од изминатата година, односно 471,59 милиони долари прилив од туристичкиот промет во БДП-то.

– Забележаниот успех, претставува огромна мотивација за нашиот тим да продолжи посветено и ентузијастички да работи кон континуирано остварување на целите и приоритетите наведени во годишната Програма на АППТ за 2024 и стратешкиот план. Во фокусот на нашата работа е издигнувањето на пиедесталот на конкурентниот светски туристички пазар, а нашата земја во центарот на туристичката мапа. Нашата визија е долгорочен одржлив развој на туризмот за инклузивен економски раст на Република Македонија. Промотивните активности ќе бидат насочени кон пет области: ено-гастро концептот, активниот туризам, културно-историското богатство, националните паркови и руралниот туризам. Агенцијата за туризам во 2024-та, има неколку предизвици, а најголемиот е да ги задржиме туристите ден повеќе во нашата земја. За наредната година согласно стратешкиот план, предвидени се промотивни активности кои се од суштинско значење за промоција на Република Македонија. Организирање на промотивни кампањи во Србија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Албанија, Косово, Полска, Германија, Романија, Италија, Турција, Велика Британија и Германија. Изработка на проекти кои се од суштинско значење за промоција на културното наследство на земјава, развој на ено-гастро концептот, активните форми на туристичка понуда и одржливост на дестинациите, информираат од АППТ.

Од почетокот на годинава заклучно со ноември во општинската каса легнале речиси 19,5 милиони денари по основ на туристичка такса, информираат за Супер радио и OhridPress од локалната самоуправа.

Во септември е остварен најголем приход од речиси 4,4 милиони денари. Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија забележа една од поуспешните сезони во текот на последните години. Во прилог на тоа одат и бројките на посетители и инкасираното во општинската каса по основ на туристичка такса. Очекувањата се годинава да биде заокружена со поголем приход од туристичка такса во однос на лани, кога изнесуваше 24.327 565 денари.

Инаку, од почетокот на годинава заклучно со септември во Охрид престојувале вкупно 287.346 туристи од кои повеќе од половина, 162.453 биле странски. Притоа биле остварени 1.052 751 ноќевања, од нив близу 700 илјади се од домашни туристи. Според податоците од одделението за туризам при Општина Охрид во овој деветмесечен период најмала посетеност се бележи во првиот квартал, со вкупно 20.100 посетители. Сликата во останатите месеци, разбирливо е сосем поинаква. Најмногу гости имало во август, 72.259 и во јули 65.818. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука