Економија ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

За Нова година СИТЕ во ОХРИД: Забава со DNK, Нино Величкоски, Татијана Стефановска, Jana Slayy и Багзи

Охрид, 18. декември 2023 (ОХРИДПРЕС) – DNK, Нино Величкоски, Татијана Стефановска и диџеите Jana Slayy и Багзи се само дел од имињата кои ќе ги забавуваат гостите и охриѓани за највеселата ноќ во годината.

– Со „Светот на Биби“ на 28-ми декември започнува Новогодишната програма што на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ во Охрид ја организира локалната власт. Наредниот ден на плоштадот ќе се одржи театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30-ти декември детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“. На 31-ви декември на плоштадот ќе биде одржан музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“. Сите случувања кои се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите ќе започнуваат во 12:30 часот. За забавниот дел на дочекот на Новата Година на Градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за 21:00 часот. На 1-ви јануари 2024 година точно на пладне ќе настапат групата Balkan Jam и Драган Мијалкоски, објави градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Охрид како најголемиот туристички центар во Република Македонија, подготвен ги очекува домашните и странските гости кои ќе го посетат за Нова година. Украсен и традиционално преубав и годинава ги отвора вратите за сите вљубеници во него со организиран дочек на Градскиот плоштад.

Според туристичките работници, интерес има, дел од хотелите се веќе целосно букирани, а најбројни ќе бидат гостите од соседството, пред сé од Србија и Бугарија, а нема да изостанат и домашните гости.

Централното градско подрачје е веќе украсено со новогодишни реквизити, а светна и елката на Градскиот плоштад.

Угостителите веќе најавија солидна исполнетост, а се очекуваат гости пред се од соседните земји, но и бројни домашни посетители, кои ќе уживаат во преубавиот Охрид за време на новогодишните, но и за останатите празници кои традиционално траат се’ до големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука