Охрид, 28. декември (ОХРИДПРЕС) – Со ликовите на популарната анимирана серија за деца „Светот на Биби“, денеска на Градскиот плоштад во Охрид започна новогодишната празнична програма.
Најмладите заедно со своите родители уживаа во препознатливите детски песнички и веселите разговори на Боби и Биби. Празничната атмосфера на Градскиот плоштад, продолжува и вечерва со Новогодишен концерт на младите музички таленти од ООМУ „Методи Патче“.
Утре на плоштадот ќе се одржи театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30-ти декември е детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“. На 31-ви декември на плоштадот ќе биде одржан музичко-театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“. Сите случувања што се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите започнуваат во 12:30 часот.
За забавниот дел на дочекот на новата година в недела на градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за 21:00 часот. На 1-ви јануари точно на пладне ќе настапат групата Balkan Jam и Драган Мијалкоски.
Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија, подготвен ги очекува домашните и странските гости кои ќе го посетат за Нова година. Украсен и традиционално преубав и годинава ги отвора вратите за сите вљубеници во него.
Угостителите веќе најавија солидна исполнетост, а се очекуваат гости пред се од соседните земји, но и бројни домашни посетители, кои ќе уживаат во преубавиот Охрид за време на новогодишните, но и за останатите празници кои традиционално траат се’ до големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива