декември 28, 2023

Охрид, 28. декември (ОХРИДПРЕС) – Со „Светот на Биби“ денеска на градскиот плоштад во Охрид започнува новогодишната програма што ја организира локалната власт.

Утре на плоштадот ќе се одржи театарската претстава „Ракавиците на Дедо Мраз“, а на 30-ти декември е детската претстава „Далматино и Дедо Мраз“.

На 31-ви декември на плоштадот ќе биде одржан музичко – театарскиот спектакл за деца и млади „Новогодишна детска бајка“.

Сите случувања што се дел од новогодишната програма, а се посветени за најмладите започнуваат во 12:30 часот.

На плоштадот веќе се поставени сцените за предвидената забавна програма.

За забавниот дел на дочекот на новата година в недела на градскиот плоштад во Охрид ќе се погрижат диџеите Jana Slayy и Багзи, Татијана Стефановска, групата DNK, Нино Величкоски и групата „Фортуна“. Почетокот е закажан за 21:00 часот.

На 1-ви јануари точно на пладне ќе настапат групата Balkan Jam и Драган Мијалкоски.


Охрид како најголем туристички центар во Република Македонија, подготвен ги очекува домашните и странските гости кои ќе го посетат за Нова година. Украсен и традиционално преубав и годинава ги отвора вратите за сите вљубеници во него.

Угостителите веќе најавија солидна исполнетост, а се очекуваат гости пред се од соседните земји, но и бројни домашни посетители, кои ќе уживаат во преубавиот Охрид за време на новогодишните, но и за останатите празници кои традиционално траат се’ до големиот христијански празник Богојавление Водици и Денот на рибарите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука