Охрид/Поградец, 15. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Преку 50 здруженија и институции од Охрид и Република Македонија, како и од соседна Албанија покренаа иницијатива за спречување на одржувањето на настанот F1H2O кој е планирано да се реализира во водите на Охридското Езеро, во Поградец, Албанија во периодот од 2-ти до 7-ми јули 2024 година.
– F1H2O е светско првенство во трка со моторни чамци со високо туражни мотори кое најчесто, заради негативното влијание врз животната средина, живиот свет и екосистемот се одржува на големи водени површини (мориња, океани). Според проценките направени од информациите достапни на интернет-страницата на организаторот, а обработени од страна на стручни лица од областа на заштита на животната средина, за време на овој настан ќе бидат ослободени приближно 1.639.089 килограми Co2 емисии во воздухот и езерото. Оваа количина на емисии, која ќе биде ослободена за неколку дена, е еквивалентна на емисија на стакленички гасови од 365 автомобили возени цела година. Исто така ќе бидат потребни 4.300 м2 паркинг простор за да се сместат 43 тимови или 129-172 камиони; стартната платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона (местото за гнездење на рибите). Ова се само дел од негативните влијанија кои можат да бидат предизвикани како последица на одржувањето на ваков настан на Охридското Езеро, а повеќе детали за настанот, иницијативата и останатите активности предвидени за спречување на истиот, штетите кои можат да бидат предизвикани врз животната средина и Охридското Езеро, ќе бидат презентирани на прес средбата со новинарите од страна на претставници на НУ Хидробиолошки завод Охрид, претставници на граѓански здруженија од Македонија и Албанија, информираат организаторите.
Додаваат дека целта на реакцијата е вклучување на алармот за итно делување за да се избегне дополнително оптеретување и нарушување на екосистемот на Охридското Езеро и загадување на животната средина. Деталите ќе се соопштат на прес конференција, која ќе се одржи утре во Охрид.
По најавите за одржување на овој настан, OhridPress уште во септември минатата година објави статија во насока да се сврти вниманието на јавноста на истиот, кој во соседна Албанија доби поддршка на највисоко ниво. Од H2O Racing тогаш објавија дека Албанија во јули 2024 година ќе биде домаќин на Светското првенство во Aquabike UIM 2023 и UIM-ABP кое ќе се одржи во водите на Охридското Езеро кај Поградец.
Оваа најава дојде по потпишувањето на договорот во Албанија, каде Raimondo di San Germano, извршен директор на H2O Racing, предводеше делегација од H2O Racing и се сретна со Еди Рама, премиерот на Албанија и неколку високи албански претставници, објавија на официјалната страна на F1H1O.
– Албанија влегува на мапата на овие трки, заедно со Италија, Франција, Шпанија, Дубаи, Индонезија, Кина и многу други земји, изјави Рама по средбата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива