Охрид, 18. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Не сум сигурен каква е сега состојбата, мислам дека Општина Охрид е мнозински сопственик на АД РК „Охрид 2013“, е одговорот на градоначалникот Кирил Пецаков на новинарско прашање, поврзано со вчерашните обвинувања на СДСМ и Левица дека се исплатени над 250 илјади евра кон ГРК „Охрид“.
Тој потврди дека е основач на здружението на граѓани кое во 2013 година стана акционерско друштво и во кое немал некакво учество како извршна или неизвршна функција.
– Како не се сетија да држат прес конференции кога вработени и функционери во самава општина години наназа отакао е АД биле претседатели. Секретарите на Општина Охрид по традиција биле извршни директори на АД РК Охрид сѐ досега, кога нема лица вработени или политички функционери. Сега тоа се спортски лица односно луѓе кои се занимавале со тој спорт. Општина Охрид во 2013 додели основачки влог за да се трансформира здружението на граѓани во АД РК Охрид 2013. Не сум сигурен како е сега состојбата, мислам дека Општина Охрид е мнозински сопственик, изјави Пецаков.
Додаде дека за прв пат од оваа година ракометниот, кошаркарскиот и фудбалскиот клуб што го носат името на градот Охрид се во посебна ставка во буџетот, а лани учествувале на јавен повик на клубови на кои врз основа на правилник им се доделувале средства. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес