Избор Охрид Партии ТОП ВЕСТИ

СДСМ и Левица со обвинувања до градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков за исплатени над 250 илјади евра кон ГРК „Охрид“

Скопје/Охрид, 17. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Партиите СДСМ и Левица денеска излегоа со обвинувања до градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков за исплатени над 250 илјади евра кон ГРК „Охрид“.

– На повидок е нов скандал во општините под капата на ДПМНЕ. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач. Над 250 илјади евра се исплатени на ГРК „Охрид“ од Општина Охрид како директна поддршка. Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на Општина Охрид број 14 од 28-ми декември 2023 година. Сопственик на ГРК „Охрид“ АД Охрид е РК „Охрид 2013“ каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си!? Директор на ГРК „Охрид“ е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП „Охридски комуналец“. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција. Надлежно обинителство пак треба да утврди дали е прекршен кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб којшто е токму тој основач. Сите аспекти треба да се утврдат затоа што постои основано сомневање дека на ваков начин може да се испумпуваат пари на граѓаните и потоа да се злоупотребуваат. Нема општина во државата која е водена од ДПМНЕ а за која нема скандал поврзан со финансиите, јавните набавки и парите на граѓаните. Ништо не е сменето во ДПМНЕ, порачаа од СДСМ.

Со слично обвинување до Пецаков излегоа и од партијaта Левица од каде потенцираат дека тој, како градоначалник на Општина Охрид, си доделил сам на себе 15.000.000 денари општински пари, односно пари на охриѓани.

– Имено, Пецаков се јавува како 100 процентен сопственик, односно 250 акции во Градски Ракометен Клуб Охрид АД Охрид 2013 Охрид. Така бившиот ракометар Пецаков, а сегашен градоначалник си ги пикнал рачињата во медот и заедно со овластеното лице Ристо Китески, братучед на секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, за чиј непотизам Левица Охрид веќе во неколку наврати ја информираше охридската јавност, неизвршните членови, новинарот Горан Момироски, Виктор Мизо (поранешен прв човек на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони ДТИРЗ), Наум Бабачев и Славчо Ристески, близок соработник на Пецаков, инаку вработен во ЈП „Комуналец“ и директор на ГРК „Охрид“ си добиле од Општина Охрид дури 15.000.000 денари и тоа: 15.000.000 денари директна поддршка; 600.000 денари за меморијален турнир „Крсте Андоновски Усташ“. Да напоменеме дека спортските клубови се непрофитни здруженија кои се финансираат од членарина, донации и сл. Левица Охрид го повикува ОЈО Охрид да ги истражи податоците кои низ медиумите проциркулираа во јавност, кои всушност претставуваат Информации од јавен карактер и доколку се докаже вина, Пецаков да одговара согласно член 353 од Кривичниот законик. Ако Кирил Пецаков е градоначалник не значи дека е недопирлив. Законите во Република Македонија треба да важат за секој граѓанин подеднакво, потенцираат од партијата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука