Скопје, 12. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) на последната седница на Советот ги усогласи насоките за медиумска промоција на Република Македонија за оваа година.
– Врз основа на Анализата и истражувањето на пазарите спроведено од Агенцијата за туризам, медиумската промотивна кампања ќе се спроведе во регионалните и европски пазари со најавени авионски и чартер линии. Оваа година промоцијата во рамките на буџетските средства ќе се реализира преку Google, YouTube, Facebook ads, корисни алатки за зголемување на свесноста за туристичките дестинаци во Македонија со можност за зголемен број на туристи и ноќевања, информираат од АППТ.
Додаваат дека целта на маркетинг кампањата за 2024 година е преку промотивните активности да се задржи вниманието кај потенцијалните туристи, да придонесе кон поголема конкурентност и препознатливост на Република Македонија, како и запознавање на јавноста со тоа што не прави диверзивни, различни, а е отсликано преку природата, историјата, културата и гастрономијата. Трендовите налагаат и промоција на руралните подрачја и еко дестинациите.
Според податоците на Државниот завод за статистика (ДЗС), објавени денеска, бројот на туристите во декември 2023 година изнесува 55.875, од кои 38,6% се домашни туристи, а 61,4% се странски туристи.
– Бројот на ноќевањата во декември 2023 година изнесува 111.668, од кои 41,6% се од домашните туристи, а 58,4% од странските туристи. Во периодот јануари-декември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 20,6%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 0,6%, а кај странските има зголемување за 36,6%. Во периодот јануари-декември 2023 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е зголемен за 10,1%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,4%, а кај странските има зголемување за 22,9%, информираат од ДЗС. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес