Охрид, 24. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Дали сте подготвени да ги слушнете најубавите ветувања. Доаѓа тој период на секои четири години, за жал тие никако да се исполнат.
По предиграта и загревањето долго над три децении, политичарите тврдат дека се веќе искусни и подготвени да ги исполнат ветувањата. Сега биле конечно искрени, ја научиле лекцијата и веќе знаат како треба.
Дел од она што ЌЕ слушате:
Ќе го изградиме автопатот до Охрид од страна на Кичево, ќе се стави ред во делот со дивоградбите и урбанизмот, ќе имаме уредени плажи и чисто езеро кое нема да се третира како акумулација за вода, ќе се заврши покриениот базен, ќе профункционира правната држава и казнивоста на оние кои биле од другата страна на законот, конечно ќе имаме реална, а не само декларативна борба против урбаната мафија, ќе нема корупција, локалните и државните тајкуни и криминалци ќе добијат прекоманда на едно заслужено место, ќе имаме повеќе зеленило и помалку бетон, ќе имаме вреднувани и почитувани доктори, наставници и професори, ќе ги исполниме сите препораки на УНЕСКО, ќе имаме реално платени работни места за младите и можност и функционален систем за компаниите да можат нормално да работат, етничката припадност нема повеќе да биде професија, ќе имаме реални цени на храната, услугите, горивото и електричната енергија…
Акцентот е на „ќе“.
Седмите претседателски избори треба да се одржат на 24-ти април, а на 8-ми мај 2024 година се закажани парламентарните избори, кога е и вториот круг на изборите за претседател на државата.
Кратко потсетување на парламентарните избори во 2020 година
За пратеничкото столче таа година од Охрид се бореа и изборија д-р Кирил Пецаков и Лидија Петкоска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и Жаклина Лазаревска и Лазе Танески од СДСМ. По изборот на Пецаков за градоначалник на Охрид, на почетокот на ноември 2021 година на неговото место дојде д-р Грација Бакраческа.
Какви пратеници имаме и какви треба да имаме во новиот парламентарен состав?
Податоците за активноста на охридските пратеници се дел од трите истражувања спроведени од Институтот за демократија, и од официјалната веб страна на Собранието на Република Македонија, во сегментот „Мојот пратеник“.
За тоа кој не претставуваше во Собранието на Република Македонија изминативе скоро 4 години и кој би бил фото-роботот на идниот пратеник, кој ќе се бори за интересите на Охрид повеќе од деталната анализа која Супер радио и OhridPress ја направија неодамна. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива