ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Охриѓанката Миланка Новеска ја освојува оперската сцена во Шведска, кралицата летово ќе и’ додели стипендија, како највисоко уметничко признание

Стокхолм/Охрид, 10. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Неверојатно сум среќна што можам да споделам дека станав еден од стипендистите на кралскиот театар во Дротнингхолм, што е највисокото признание и достигнување на кое може да се надева еден оперски пејач, објави на нејзиниот официјален профил на Facebook охриѓанката Миланка Новеска која се’ повеќе ја освојува оперската сцена во Шведска.

– Ова лето ќе настапам за кралското семејство, по што шведската кралица ќе ми ја додели големата стипендија Drottningholmsteaterns Vänner. Тешко е да се опишат чувствата што ме преплавуваат. Многу сум благодарна што добив ваква неверојатна можност да го развијам моето знаење и љубов кон пеењето. Да се препознае и да се цени мојата напорна работа, љубов и посветеност кон операта и барокната музика на ова високо ниво е прекрасно и извонредно искуство. Благодарна сум и’ на Шведска за сите неверојатни моменти и поддршка. Соништата навистина се остваруваат, ако некој се осмели да сонува, порача Миланка.

– Со убавиот глас и техничките атрибути што ги поседува, Миланка Новеска заслужува оперска кариера, порача неодамна Џереми Карпентер, солист во Кралската шведска опера во Стокхолм и основач на Vocal Masterclass Stockholm. Тој додаде дека ја запознал на летен курс за вокален Мастерклас во Стокхолм во 2022 година, а минатата година имал можност и да работи со неа.

Миланка од најрана возраст се занимава со пеење, а талентот го насочува кон класичната музика. По едукацијата во Република Македонија, магистерските студии и успешните настапи во Романија, таа се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на сопругот. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век. Во 2013 година ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што ја доделува нејзиниот роден град Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука