Охрид, 23. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Спектакуларната најава за поднесување на некаква кривична пријава кон мене е класично замајување на јавноста и заплашување на народот пред избори во насока на нивната позната теза: внимавајте, ако не сте со нас и не работите по наше ќе ве снајде истово, стои во демантот на изнесеното на прес конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ од Охрид од страна на Гордана Јованоска, член на СДСМ и поранешен директор на ЈП „Билјанини Извори“.
– Се’ во излагањето на Александар Китески од ВМРО-ДПМНЕ е ноторна лага, тоа го знаат и самите и во целост ќе се докаже. Со доаѓањето на власт на СДСМ и јас како директор на ЈП „Билјанини Извори“ многупати сум укажала, а и јавноста беше запознаена, дека ЈП беше во хаос, особено во делот на паркинзите и уште повеќе во наплатата на услугите. Во 2018 година со договор на градоначалникот Јован Стојаноски и со помош на локалната самоуправа направивме тендер за набавка на софтвер за зонско паркирање, кое за претходното раководство од ВМРО-ДПМНЕ беше баук тема и во неколку наврати не успеаа да го набават. Во истиот тендер освен зонско паркирање беа набавени и систем за затворени паркинзи, рампи, сензори, наплатна куќарка, видео надзор кои подоцна беа ставени во функција на улицата „Македонски просветители“ во таканаречената Премиум зона, за која тогаш ВМРО-ДПМНЕ негодуваше, правеше различни герила акции за да докажат дека не е во ред да се поставуваат рампи, за сега истата таа Премиум зона да ја прошират и на шеталиштето, на штета на мирот кој го имаат посетителите на кафеаните. За се’ погоре споменато со Договорот, ЈП „Билјанини Извори“ не плати ни еден денар, туку набавката, ставањето во употреба и одржувањето го спроведе фирмата која работата ја доби на транспарентен тендер, тоа е Електро Софт за само 15% од нето приходите на смс системот. За по две години системот да премине во наша сопственост, а новиот тендер во 2020 година не гласеше набавка на софтвер, туку само одржување и негово усовршување и сето тоа во износ од 1.000.000 денари. Со смената на локалната власт од кога директор е кадар на ВМРО-ДПМНЕ на примопредавањето писмено укажав дека ако договорот не е дел од неговите визии може да го прекине. Но тоа не се случи. Се поставува прашањето: Ако нешто беше незаконско, зошто тогаш нивниот директор веднаш не го раскина договорот, туку продолжи да работи на ист начин? Туку требаше по три години и предизборно да се сетат дека тој не чинел, стои во реакцијата.
Јованоска додава дека одговорно тврди дека како директор не дала наредба да се исплатат повеќе финансиски средства од дозволеното.
– Претпријатието има финансиска служба и служба за јавни набавки која ги следи и спроведува тендерите во нивното извршување. Договорот од мое време за одржување на системот беше на 1.000.000 ден за две години. И еве ВМРО-ДПМНЕ вели сум направила штета на фирмата и бара кривично да одговарам пред обвинителството, а директорот поставен од ВМРО-ДПМНЕ, направи нов договор за одржување на две години во износ од 2.880.000 денари?! Лесно е да се види кој работи на штета на ЈП „Билјанини Извори“. Хајката против мене се водеше како и сега така и кога бев директор бидеќи истата оваа гарнитура на ВМРО-ДПМНЕ не може да се помири дека мојот стил на работа е чесно и посветено и дека никогаш не ме интересираше партиската боја на вработените, туку барав посветеност од сите подеднаква, исто така и сите корисници на услугите да платат за нашите услуги, а ако не да се соочат со законските прописи. ВМРО-ДПМНЕ не беше а и се’ уште не е научено нивните заслужни кадри да плаќат на паркинзи за своите возила. Но, за разлика од порано, сега за нив плаќа секој обичен граѓанин, дури и казни. На паркинзите намерно не се поставуваат наплатувчи, за подоцна да бидат казнети со 1.000 денари за нерегулирано паркирање. На таков начин сега го полнат буџетот на ЈП „Билјанини Извори“, а воедно и го покриваат неплаќањето на функционерите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ. За да се дојде до приход секој ден во просек се пишуваат над 100 казни. Редно е ВМРО-ДПМНЕ да не мисли повеќе на мене туку на оние кои ги поставиле да раководат. Кога сме тука барам да престане лагата дека јас и мојот сопруг – актуелен директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Милчо Јованоски директоруваме во исто време и по нечии заслуги. Јавноста добро знае, освен што сме сопружници и за нашите поединечни квалиети и постигнувања, стои во демантот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес