Скопје, 25. март 2024 (ОХРИДПРЕС) – Тимот „TrashPinger“ од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид го подели третото место на финалето на натпреварот „Најдобар бизнис концепт 2024: Натпревар за зелени иновации“, кое викендов, по 18-ти пар се одржа во рамки на Европскиот проект „Гриновет“, преку Центарот за извонредност во зелени иновации (ЦИЗИ) при Машинскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Натпреварот наменет за средните училишта во нашата држава беше организиран во соработка со: Македонија2025, Халкбанка АД Скопје, Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ), Сојузот на стопански комори на Македонија, „Раде Кончар“ ТЕП и АСУЦ „Боро Петрушевски“ од Скопје.
Главната цел на овој натпревар беше да се поттикне претприемачкиот дух на младите во насока на развој на зелени иновации. Најдобрите 16 тимови, со учество од над 100 ученици и ментори од средните училишта, ги презентираа своите бизнис концепти пред 7-члена жири комисија.
Оваа година, првото место припадна на тимот „Grainovation“ од СОУ „Гоце Делчев“, Валандово, на второ место се најде тимот „Terramea” од СЕПУГС „Васил Антевски-Дрен“ од Скопје, а третото место го поделија „ShutterSun“ од СУГС Гимназија „Јосип Броз Тито“ од Скопје и „TrashPinger“ од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски” од Охрид.
Првопласираните 4 тима ќе добија пригодни награди од страна на партнерите Македонија2025 и Халкбанка АД Скопје, а победниците ќе учествуваат на меѓународниот натпревар за зелени иновации кој ќе се одржи во април 2024 во Грац, Австрија, поддржан од европскиот проект „Гриновет“.
Повеќе за првата апликација за пријавување диви депонии на средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид ОВДЕ. (Крај)
извор: 365.com.mk фото: архива