ЕКОЛОГИЈА ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ На кафе со... ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Ралева Најдевска: Преку апликацијата TrashPinger секој од нас може да пријави дива депонија и да помогне во отстранување на отпадот низ градот (Видео)

Охрид, 6. јуни 2023 (ОХРИДПРЕС) – Средношколци од ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ од Охрид ја креираа првата апликација за пријавување диви депонии. Велат целта е подигнување и промовирање на еколошката свест, но и помош на комуналната служба.

Компанијата „GreenForce“ составена од учениците Ана Спироска, Ана Атанасовска, Дарко Крлески, Климент Маријаноски, Александар Спасеновски под менторство на професорката Ирена Ралева Најдевска ја претставија својата апликација TrashPinger на шестиот Државен натпревар за ученички компании, што се одржа неодамна во Струга.

За тоа колку време работеа на апликацијата, како е функционира и дали веќе ги имаат запознаено надлежните со истата, поразговаравме со дел од творците на апликацијата и нивниот ментор.

Супер радио: Како дојдовте до идеја за ваква апликација, како се роди и колку време работевте?

Крлески: На апликацијата работевме една година. Идејата ни се роди минатата година, по спроведени десет еко акции со што видовме дека на улиците има многу отпад, така дојдовме и до идеја за апликацијата.

Супер радио: Каков е концептот на апликацијата, од пријавување на депонијата па понатаму?

Маријаноски: Корисниците кога ќе ја спуштат апликацијата прво треба да се најават, потоа имаат мапа каде се прикажани сите маркери од претходните корисници што ги имаат ставено каков отпад има на самото место. Тука можат да додадат свој маркер, тогаш им се доделуваат поени што понатаму може да ги користат да добијат ваучер или попуст кај нашите деловни партнери. Колку повеќе пријави има толку повеќе корисникот ќе има бенефиции. Исто така маркерите одат и до комуналната служба.

Супер радио: Која е целта што сакате да ја постигнете?

Крлески: Главната цел ни е да се подигне свеста кај граѓаните, а потоа и да помогнеме на комуналната служба. Сакаме да ја подигнеме свеста, да не се фрла отпад на несоодветни места и тоа постојано да се повторува, односно комуналната служба да го чисти, туку едноставно да дојде до подигнување на нивото на култура на оденсување и грижа за животната средина.

Супер радио: Со оглед на тоа дека сте први што направиле ваква апликација и пионери во смисла дека апликацијата е поврзана со комуналната служба. Дали веќе ги запознавте локалните власти со истата, дали веќе се користи?

Атанасовска: Достапни сме на повеќето социјални мрежи, имаме Фејсбук и Инстаграм профили, а апликацијата може да се преземе и од нашата веб страница www.trashpinger.com сé додека не ја поставиме на Play Store.

Супер радио: Кои се плановите за во иднина, дали можеби веќе работите на нешто ново?

Крлески: Остануваме истиот тим и планираме постојано апликацијата да ја надградуваме, редовно, ќе има нови содржини, планираме да најдеме уште деловни партнери, за уште попусти, ваучери, премиум картички и да привлечеме што повеќе корисници на нашата апликација.

Супер радио: Професорке, вие сте ментор, да ни го претставите тимот, како одеше процесот на работа и каде досега е претставена апликацијата?

Ралева Најдевска: Во 2022 година учествувавме на еден натпревар за зелени технологии, во организација на СтартАп Македонија, дојдовме до идеја да изработиме мобилна апликација за детекција на отпад. На тој натпревар освоивме прва награда, тогаш беше апликацијата во некоја своја преломена верзија, а потоа аплициравме на друг натпревар во организација на Junior Achievement Macedonia, тука веќе апликацијата од идеја стана реализација, имаме готов производ.
Нашиот тим е составен од пет ученици, Климент Маријаноски како генерален менаџер на нашата виртуелна компанија и најзаслужен за изработка на апликацијата, Ана Спироска, менаџер за маркетинг и продажба, задолжена за водење на социјалните мрежи, потоа Дарко Крлески е менаџер за финансии и ги изработи финансиските планови, Александар Спасеновски задолжен за администрација и Ана Атанасовска – менаџер за човечки ресурси, задолжена за пријатна атмосфера и тимска работа. Ми беше чест да работам со вакви големи ентузијасти, беа на висина на задачата, сите задолженија ги завршуваа во рекорден рок. Мојата улога во тимот беше да ги менторирам, да ги поттикнувам, да ги мотивирам да не се откажуваат, кога не можеа нешто да сработат помагав и јас. Во меѓувреме постојано одев на обуки предвидени за доизработка на овие работи и тоа им го пренесов на учениците. Исто така мојата улога во тимот беше практично еден вид линк, да организирам состаноци и средби со сите деловни партнери од градов кои несебично ни дадоа максимална поддршка за апликацијата. Голема благодарност до сите кои ја препознаа сериозноста на оваа апликација и ни дадоа безусловна поддршка. Искрено се надевам дека апликацијата ќе заживее, како една алатка за помош. Секој еден од нас може да придонесе со само еден клик да пријави депонија и да помогне во отстранување на отпадот што е евидентен насекаде низ Охрид.

Супер радио: Пионери сте по тоа што апликацијата е поврзана со комуналното претпријатие. Дали оваа апликација е погодна да може и други општини да ја користат. Кои се следните чекори?

Ралева Најдевска: Апликацијата веќе функционира слободна за преземање од нашата веб страница, секој од нас може да ја преземе и кога ќе се најде на место каде има отпад ја отвора, поврзана е со GPS навигација и се маркира местото каде има отпад. Таа информација стигнува до нас, до комуналната служба и до еко здруженијата и можеме со здружени сили да придонесеме за намалување на отпадот во нашиот град. Апсолутно може и други општини да ја користат, а би била од полза и на државно ниво. Нека биде еден позитивен пример дека и младите можат и во нив има многу ентузијазам, само треба ние да работиме на нивна мотивација, тоа според мене е клучно за успехот и позитивниот исход. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука