Охрид, 1. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – Градежните работи на Трговскиот центар „Охрид Мол“ се пред крај, ги координираме датумите за отварање, информираат од Фортон Инвест за Супер радио и OhridPress.
– Во моментов ги координираме датумите за отварање, пред се’ водејќи се од закупците, посебно од модните брендови кои имаат сезонски колекции. Градежните работи ги финализиравме и се пред крај. За поточни информации ќе ја информираме јавноста дополнително, во текот на следниот месец, потенцираат од Фортон Инвест.
Додаваат дека во однос на тоа кои брендови ќе бидат застапени во објектот, во овој момент не можат да ги објават јавно нивните имиња поради доверливост на информации.
– Во текот на месец мај очекуваме да бидеме во можност да ја споделиме оваа информација, потенцираат од компанијата.
Како што претходно веќе објавивме, во меѓувреме „Охрид Мол“ полека го добива финалниот изглед, по што Охрид и регионот се очекува да добијат современ шопинг центар.
Периодов се работи на средување на внатрешниот и надворешниот дел, каде е асфалтиран делот за паркинг, но и пешачката патека и зелената зона по улицата „7-ми Ноември“, која комплетно се уредува.
Погледнете како треба да изгледа објектот во финална фаза:
Лоциран на одлична позиција и на доста фреквентна локација во непосредна близина на автобуската станица, „Охрид Мол“ ќе располага со површина од 17.000 м2. Засега имињата на потенцијалните закупци не се откриваат, но според наши информации охриѓани и сите посетители на градот за прв пат ќе имаат можност да уживаат во единствено шопинг искуство – и тоа не само за време на летната сезона во која градот има огромна посетеност, туку и преку целата година, со обезбедени услови за комфорно и пријатно искуство. Во рамките на трговскиот центар ќе има хипермаркет, игротека за деца, како и бројни продавници за облека. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива