мај 11, 2024

Охрид, 11. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридската оперска дива Миланка Новеска настапи во престижниот Конзерваториум „Санта Сесилија“ во Рим.

– Чест е да се пее во една од врвните светски институции за класична музика. Конзерваториумот „Санта Сесилија“ во Рим датира од 1585 година и е една од најстарите музички институции во светот. Врши професионална музичка обука и го чува ова исклучително богато историско наследство, со што ја одразува сопствената повеќевековна историја. Многу ми е чест што добив и соба за подготовка со две органи и прекрасен поглед, напиша Миланка на својот профил на Facebook.

Неодамна таа откри дека стана еден од стипендистите на кралскиот театар во Дротнингхолм, што е највисокото признание и достигнување на кое може да се надева еден оперски пејач во Шведска, а кралицата летово ќе и’ додели стипендија, како највисоко уметничко признание.

Миланка од најрана возраст се занимава со пеење, а талентот го насочува кон класичната музика. По едукацијата во Република Македонија, магистерските студии и успешните настапи во Романија, таа се пресели во Стокхолм, Шведска, родната земја на сопругот. Стана стипендист на најпрестижната фондација S:t Johanneslogen S:t Erik основана од кралот Карл XIII во осумнаесеттиот век.

Во 2013 година таа ја доби Повелбата „Свети Климент Охридски“, што и’ ја додели нејзиниот роден град Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука