Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Измамата која „помина“ во Охрид функционира и во Прилеп, 76-годишна жена платила 380.000 денари за внуката да не оди во затвор

Прилеп/Охрид, 17. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Измамата која во неколку наврати „помина“ во Охрид профункционира и во Прилеп, откако 76-годишна жена платила 380.000 денари за внука да не оди во затвор.

Вчера во 12:30 часот во ОВР Прилеп, 76-годишна жена од Прилеп пријавила дека била измамена од едно машко лице за сума од 380.000 денари. Според пријавеното, на 15-ти мај 2024 година, лицето телефонски ѝ се јавило и, претставувајќи се како полициски инспектор, ѝ кажало дека нејзината внука во сообраќајна несреќа во Охрид удрила дете-мигрант.

Како што е пријавено, тој, исто така, откако ѝ кажал дека родителите на детето барале пари, а доколку не им даде нејзината внука ќе одела во затвор 10 години, таа се согласила и следната вечер во нејзиниот дом дошло женско лице на кое му ги дала парите.

– Се преземаат мерки за расчистување на случајот, соопштија од МВР.

Како што OhridPress објави неодамна, во Охрид на почетокот на месецов имаше обид за повторување на вакви измами преку телефонски јавувања од страна на лица кои лажно се претставуваат како службени и вршат измами, претежно на повозрасни граѓани.

Слични вакви настани имавме и кон крајот на 2022 година, кога повеќе наши сограѓани беа жртви на измамниците. СВР Охрид тогаш успеа да открие двајца од сторителите. На 1. ноември 2022 година поднесе кривична пријава против 51-годишниот К.И. и 56-годишниот Г.М., двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 кривично дело „измама“.

Супер Радио и OhridPress од лица кои биле жртви на ваква измама тогаш дозна дека станува збор за добро разработена „шема“ во која учествуваат најмалку две лица, кои со добро уиграно сценарио се јавувале на фиксен телефон, најчесто кај постари лица под измама дека син или ќерка на „жртвата“ направиле сообраќајна незгода. Претставувајќи се како лица од полиција, тие нуделе „да го средат“ проблемот за надокнада од неколку илјади евра.

Апелираме на максимална внимателност и итно пријавување на сите вакви настани. (Крај)

извор: ОхридПрес/МВР фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука