ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Охрид ТОП ВЕСТИ Хроника

Измамниците повторно активни, граѓаните да не наседнуваат на измами за наводни сообраќајки и да не им даваат пари

Охрид, 30. април 2024 (ОХРИДПРЕС) – На социјалните мрежи деновиве повторно се актуелни апели за внимателност поради нови телефонски јавувања на лица кои лажно се претставуваат како службени и вршат измами, претежно на повозрасни граѓани.

Со тврдење дека се случила наводна сообраќајна несреќа со жртви или тешко повредени лица кои се членови на нивните семејства, тие ја користат нивната вознемиреност и загриженост, по што од нив изнудуваат парични средства.

Граѓаните, посебно повозрасните, да не наседнуваат на вакви и слични измами и сите да ги пријават веднаш на телефонскиот број 112 или во најблиската полициската станица.

Слични вакви настани имавме и кон крајот на 2022 година, кога повеќе наши сограѓани беа жртви на измамниците. СВР Охрид тогаш успеа да открие двајца од сторителите. На 1. ноември 2022 година поднесе кривична пријава против 51-годишниот К.И. и 56-годишниот Г.М., двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 кривично дело „измама“.

Супер Радио и OhridPress од лица кои биле жртви на ваква измама тогаш дозна дека станува збор за добро разработена „шема“ во која учествуваат најмалку две лица, кои со добро уиграно сценарио се јавувале на фиксен телефон, најчесто кај постари лица под измама дека син или ќерка на „жртвата“ направиле сообраќајна незгода. Претставувајќи се како лица од полиција, тие нуделе „да го средат“ проблемот за надокнада од неколку илјади евра.

Апелираме на максимална внимателност и итно пријавување на сите вакви настани. (Крај)

извор: СВР Охрид фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука