ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Избори 2024 Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

Избори 2024: Денеска прегласување на седум места во изборните единици 5 и 6, во Охрид ќе се прегласува и на избирачкото место 1272 во ООУ „Христо Узунов“

Охрид, 22. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ќе се прегласува за парламентарните избори на неколку избирчки места во ИЕ5 и ИЕ6, бидејќи таму според ДИК, но и одлуката на Управен суд регистрирани беа низа нерегуларности за време на изборите на 8-ми мај 2024 година.

Ќе се прегласува на избирачки места во Долнени, Крушево, Струга Охрид и во Желино. Во Изборната единица (ИЕ) пет граѓаните ќе можат да гласаат на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино.

Избирачкото место 1272 се наоѓа во склоп на ООУ „Христо Узунов“, на улицата „Питу Гули“ број 128 во Охрид. На ова избирачко место има вкупно 711 избирачи, од кои на парламентарните избори кои се одржаа на 8-ми мај 2024 година гласаа 433, односно 60,90% од избирачкото тело.

Избирачкото место 1844 се наоѓа во склоп на ООУ „Јосип Броз Тито“, на улицата „Димче Ковачески“ број 64 во Струга. На ова избирачко место има вкупно 753 избирачи, од кои на парламентарните избори кои се одржаа на 8-ми мај 2024 година гласаа 489, односно 64,94% од избирачкото тело.

Од ДИК информираа дека вчера, на денот кога гласаа болните и немоќни лица, лицата кои издржуваат казна затвор и лицата сместени во центрите за вонсемејна грижа, а кои припаѓаат на избирачките места каде што се поништи гласањето за парламентарните избори, на ИМ 1272 Охрид, правото на глас го искористиле двете запишани лица во посебниот извод од Избирачкиот список. На ИМ 1844 Струга, сите 4 лица запишани како болни или немоќни гласале во текот на денот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука