Забава Избор ТОП ВЕСТИ

Калиопи го објави спотот за „Ела“, песната чија видео приказна беше снимена неодамна во Охрид (Видео)

Охрид, 29. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поп-дивата Калиопи денеска го промовираше новиот материјал, на српски и македонски јазик, наречен едноставно „Албум“.

Дел од албумот е и песната „Ела“, за која видео спотот беше снимен неодамна во Охрид. Интересно беше што Калиопи претходно објави повик до охриѓани да се пријават и да бидат дел од нејзиниот спот.


На албумот се наоѓаат 10 песни, од кои две и се веќе познати на публиката. Минатата година албумот го најавија дуетската песна „Знам“ (со Жељко Самарџиќ) и песната „Кад осване“, кои во меѓувреме ги освоија срцата на публиката. Публиката за прв пат ќе има двојазичен албум, како симбол на сите овие години креирање музика дома и во регионот.

На „Албум“, покрај „Ела“ се поместени уште четири песни на македонски јазик: „Парампарче“, „Во земјата на чудата“; „Дај, дај ми дај“ и „Казна“, заедно со Слаткаристика.

Во рамките на одбележувањето на јубилејот – 40-години од нејзината соработка со Ромео Грил, предвидени се два големи концерти на Калиопи пред македонската публика. Првиот ќе се одржи во Битола на 20-ти јули, во амфитеатарот на Херкалеа, а вториот во Скопје во салата „Борис Трајковски“ на 19-ти октомври. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука