мај 30, 2024

Охрид, 30. мај 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „измама“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 58-годишна жена од Република Бугарија и 41-годишник од Охрид.

– Во периодот од 30-ти април до 13-ти мај 2024 година, лицето од Бугарија и уште едно лице телефонски се јавувале кај повозрасни граѓани на Охрид и лажно се претставувале како службени лица, по што им кажувале дека членови на нивните семејства предизвикале сообраќајни незгоди во кои имало жртви. Доведувајќи ги во заблуда, на оштетените им барале пари со цел да ги ослободат од затворски казни, по што лицето од Охрид одел на средба со оштетените, ги земал парите и во соседна земја ѝ ги предавал на жената од Бугарија. На овој начин, тие извршиле три кривични дела со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист од 1.894.983 денари, информираат од МВР.

Во друг случај, СВР Битола вчера поднесе кривична пријава против 37-годишно лице од Битола, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 15-ти мај 2024 година, пријавениот ѝ се јавил на 76-годишна жена, се претставил како инспектор во полиција во Охрид, при што ја известил дека нејзината внука направила сообраќајна несреќа во Охрид во која прегазила дете мигрант, чии родители барале пари. Истиот ден, кај оштетената дошло друго лице на кое таа му дала 398.000 денари.

Како што OhridPress објави неодамна, и во Охрид се повторуваат ваквите обиди за измами преку телефонски јавувања на лица кои лажно се претставуваат како службени и вршат измами, претежно на повозрасни граѓани. Од СВР Охрид информираат дека преземаат мерки за пронаоѓање на лица кои периодов наназад, преку телефонски јавувања кај граѓани од Охрид, лажно претставувајќи се, вршат измами за случени сообраќајни незгоди во кои, наводно, жртви или тешко повредени биле членови на нивните семејствата или други нивни роднини.

Слични вакви настани имавме и кон крајот на 2022 година, кога повеќе наши сограѓани беа жртви на измамниците. СВР Охрид тогаш успеа да открие двајца од сторителите. На 1. ноември 2022 година поднесе кривична пријава против 51-годишниот К.И. и 56-годишниот Г.М., двајцата од Благоевград, Република Бугарија, поради постоење основи на сомнение за сторени 21 кривично дело „измама“.

Супер Радио и OhridPress од лица кои биле жртви на ваква измама тогаш дозна дека станува збор за добро разработена „шема“ во која учествуваат најмалку две лица, кои со добро уиграно сценарио се јавувале на фиксен телефон, најчесто кај постари лица под измама дека син или ќерка на „жртвата“ направиле сообраќајна незгода. Претставувајќи се како лица од полиција, тие нуделе „да го средат“ проблемот за надокнада од неколку илјади евра.

Апелираме на максимална внимателност и итно пријавување на сите вакви настани. (Крај)

извор: МВР/ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука