јуни 2, 2024

Штип, 2. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Полни 33. години по настапот на летната сцена во култниот „Дом на млади“ во Штип, кога беше урнат рекордот на посетеност на еден концерт на оваа сцена, легендарната македонска група „Меморија“ синоќа, на истата локација, одржа незаборавен концерт.

– Е оди сега затвори очи после вакви емоции. Ни Светско првенство во фудбал, ни матури и свадби, ни милион други причини, мали или големи не успеаа, а да не го преплават со народ „Домот на младите“ во Штип. Штипјани, поклон до земја за пречекот. Се гледаме на 16-ти ноември во Скопје во „Борис Трајковски“, порача на неговиот профил на Facebook, основачот и лидер на групата Петар Георгиевски Камиказа.

 

Posted by VIS Memorija on Saturday, June 1, 2024

Покрај новите две песни, публиката можеше да види и слушне како звучи „Меморија“ во својата нова постава, која како и новите песни имаа „музичко концертно крштевање“ на реновираната летна сцена. На концертот како специјален гостин се појави легендарниот штипјанец, познатиот македонски пејач Трајче Манев кој остави траен печат со своите изведби на фестивалот на забавни мелодии „Макфест“.

Групата „Меморија“, во старо-нов состав амбициозно работи на создавањето на новиот носач на звук, што треба да го очекуваме пред Нова година. На публиката веќе ѝ беше претставен синглот  „За тебе“, а неодамна беше промовиран и музичкиот колаж, насловен „Македонски бисери“, односно четири македонски патриотски песни, испеани во рок-манир. Го комплетираат и останатиот материјал за новиот албум, а новите песни ќе излегуваат една по една, сѐ до големиот скопски концерт кој се најавува за наесен, на 16. ноември годинава на истото место како и претходниот, во арената „Борис Трајковски“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Antonio Dimitrievski видео: VIS Memorija

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука