Охрид, 2. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.
Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.
Едно од местата кое будат најсилни емоции кај охриѓани, секако е и хотелот „Палас“. Своевремено гордост на угостителството и архитектурата во Република Македонија, но и многу подалеку. Денеска само спомен на едни убави времиња и уште една воздишка кај постарите кои се сеќаваат на убавите моменти поминати во ова место.
Охриѓани се сеќаваат и на легендарниот музички подиум на терасата на хотелот „Палас“, каде со убава песна и добра мисла се славел животот во убавиот Охрид.
– Во тоа време (седумдесеттите години на минатиот век), терасата беше единственото место за вакви забави во градот, стои во објавата на оваа прекрасна фотографија, објавена во Facebook групата Охрид кој веќе го нема.
Средната генерација се сеќава на незаборавните забави во некогаш култната дискотека – Диско ПАЛАС, која работеше во склоп на комплексот. Беше место на првите љубови, место за другарување и незаборавни спомени.
На само неколку чекори од историското јадро на Охрид, монолитниот габарит на хотел „Палас“ го означува почетокот на модерниот град, лоциран на кеј „Македонија“, како дело на познатиот словенски архитекст Едо Михевц. За ентериерот се погрижиле Олга Русанова во соработка со Едо Михевц, а како година на изведба се наведува далечната 1958 година (според други извори 1957 година).
– Иако неговата изградба на времето била донекаде контроверзна, тој речиси 50 години важел за еден од најелитните комплекси на езерското крајбрежје. Без разлика што денес е надвор од употреба, оваа модернистичка архитектура сѐ уште е силно врежана во урбаната меморија на овој град. Хотелот е изграден во средината 20-от век, кога југословенската држава го препознава туризмот како катализатор за модернизација на државата. Охрид претставува важен туристички центар на му недостасува инфраструктура и архитектура кои би ги промовирале вредностите и идеологиите на новите времиња, стои во анализата за овој објект на авторката Ноеми Чаусидис за порталот marh.mk.
Охрид е СУПЕР… секој ден 17.02.2024 година
хотел „Палас“ – ОХРИД, Република МАКЕДОНИЈАPosted by Охрид е СУПЕР/Ohrid e SUPER on Saturday, February 17, 2024
Во овој период се планира „новиот Охрид“, кој го остава историското јадро на страна и се шири на југо-исток покрај брегот на езерото. Една од главните негови инфраструктури е нова пешачка патека долж крајбрежјето, чија прва точка би бил модернистички хотел како симбол на новата ера.
Хотелот е затворен од 2001 година, а од 2009 година е заштитен споменик на културата. (Крај)
извор: marh.mk/ОхридПрес фото: Охрид Слики од минатото/архрид/ОхридПрес видео: Супер радио