Здравје Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Денеска и утре високи температури, важни препораки за заштита

Охрид, 11. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поради повеќедневно присуство на постабилна воздушна маса, метеоролозите за денеска и утре најавуваат сончево и натпросечно топло време.

– До четврток ќе се задржи сончево и многу топло време, а најтопло ќе биде во среда кога дневната температура наместа ќе достигнува до 40 степени. Промена на времето со локален пороен дожд, грмежи и пад на температурата се очекува во петок, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР).

Владата на Република Македонија, на барање на Министерството за здравство, вчера одржа вонредна седница, поради најавите за топлотен бран во државава и донесе соодветни препораки.

Како да се заштитите:

Топлотните бранови се главната причина за предвремени смртни случаи поврзани со климатските промени, особено во старата популациона група и хронично болните.

За време на топлотните периоди, важно е да се одржи свежина, за да се избегнат негативните здравствени ефекти на топлината.

За заштита од топлина се препорачува ограничен физички напор, особено во попладневниот период на денот, носење светла и лесна облека, очила за UV заштита и капа, да се користат креми со заштитен UV фактор, да се следат препораките на здравствените установи, да се избегнува непотребно излегување надвор во период од 10:00 до 17:00 часот, да се избегнува алкохол и акохолни пијалоци, пијалоци што содржат кофеин како и екстремно ладни пијалоци, да се избегнува премногу масна и високо калорична храна, како и храна која содржи шеќери.

Општи препораки:

– Во текот на екстремно топли денови, да се остане повеќе во затворени простории (пред се’ климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце заштитни очила и капа. За сончање да се користи крема со висок заштитен фактор.
– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци. Воедно, да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.

Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната употреба, термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката, а ако тоа не се направи, така подготвената храна да се стави во фрижидер на + 4 степени Целзиусови и пред употребата истата да се загрее на + 100 степени. Се препорачува да се избегнуваат производи кои не се термички обработени.

На хронично болните лица се препорачува редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука