ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

ЈП „Колекторски систем“: Во целост е отстранета опасноста од излевање и влез на фекални води во водите на езерото

Охрид, 12. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во врска со вчерашната изјава на директорот на Центарот за јавно здравје од Охрид Сашо Точков дека водата во Охридското Езеро е со највисок квалитет, но дека реките што се вливаат во него и натаму се потенцијални загадувачи, со реакција се јавија од Јавното претпријатие „Колекторски систем“ Скопје.

– Сакаме да го искажеме нашето задоволство во врска со квалитетот на водата на Охридското Езеро. за кој голем придонес имаме и ние како јавно претпријатие. Поточно од кога е формирано ЈП во континуитет се грижи за работењето на колекторскиот систем за заштита на водите на езерото, но пред се’, се работи на целосна рехабилитација и ставање во функција на истиот кој за жал децении воопшто не беше одржуван и беше надвор од функција. Покрај редовното одржување, согласно годишните програми за работа ние од сопствени средства изработивме автоматизација скоро на сите препумпни места со што во целост е отстранета опасноста од излевање и влез на фекални води во водите на езерото без разлика што се’ уште многу е мал делот на одделеноста на атмосферската од фекалната вода со што се прави преголемо оптеретување на колекторскиот систем, а како доказ за тоа беа и неодамнешните невремиња кои го погодија овоај регион. Но сакаме да Ве известиме дека согласно добиените гранд средства од страна на Шпанската Влада изработена е техничка документација за проекти со кои целосно ќе биде затворена Македонската страна од езерото, поточно пречистителна станица за селото Љубаништа, пречистителна станица за селото Радожда, нова пречистителна станица во Подмоље исклучиво за охридскиот дел како и проект за реконструкција на постоечката пречистителна станица во Враништа, односно не ќе има населено место чии фекални води нетретирани ќе бидат испуштани во езерото како до сега. Воедно сакаме да Ви укажеме и на проектот кој исто така е изработен, а тоа е проект за собирање на фекалната канализација од селото Елшани и нејзино приклучување во постоечкиот колекторски систем, стои во дописот до медиумите. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука