Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Втор ден Охрид дише театар: Синоќа две претстави за публиката

Охрид, 14. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – По стартот во предворјето на црквата „Св. Софија“, кое беше претесно за сите љубители на театарската игра, синоќа охриѓани повторно дојдоа да „вдишат театар“ во рамките на двете претстави кои беа дел од деветтото издание на Меѓународниот Аматерски театарски фестивал „Вдиши Театар“.

Во Центарот за култура „Григор Прличев“, синоќа со почеток во 19:00 часот театарската група на Црвен крст Бар, Црна Гора ја прикажа театарската претстава „Потрага по изгубеното богатство“.

– Опкружени со војна, омраза, страдања се причина за младите да тргнат во потрага по изгубените вредности и да откријат дека во секој човек тлее искра на хуманост и човечност, на која и треба многу малку за да се разгори…. Ова беше темата на оваа театарска претстава, прекрасно изведена од актерите на театарската група на Црвен крст Бар, Црна Гора.

Во вториот термин, од 21:00 часот, младите од театарската група на Црвен крст Крагуевац, на високо професионален начин разработија една прекрасна љубовна приказна покажувајќи дека Театарскиот фестивал „Вдиши театар“ е многу повеќе од аматерски.

На третиот ден од фестивалот, љубителите на театарот ќе имаат можност да го проследат настапот на театарската група од Црвен крст Суботица, кои вечерва од 20:00 часот, во Центарот за култура Григор Прличев ќе ја изведат театарската претстава „Ланчана реакција“.

Влезот за сите посетители е слободен. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука