Скопје/Охрид, 15. јуни 2024 (ОХРИДПРЕС) – Младата и супер талентирана охриѓанка Билјана Буџакоска, настапи на концертот на млади оперски надежи „Коста Трпков“, кој се одржа во средата, на 12-ти јуни, на големата сцена при Националната опера и балет во Скопје.
Под диригентска палка на Иван Еминовиќ, својот раскошен талент го покажаа студентите по соло пеење од Факултетот за музичка уметност во Скопје од класите на проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова, доц. м-р Иван Наумовски, како и од Вокалното студио на доц. м-р Бисера Чадловска.
Меѓу нив беше и нашата Билјана Буџакоска, студент од III година во класата на проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова, која се претстави со Ch. Gounod – арија на Marguerite „Ah! Je ris de me voir“ од операта „Фауст“.
– Концертот во чест на Коста Трпков се одржува секоја година во соработка со Националната опера и балет и факултетот за музичка уметност. На овој концерт настапуваат студентите од класите по соло-пеење по претходна аудиција за истиот. Оваа година ми е втора по ред како настапувам во нашата оперска куќа. Искуството да се настапува на големата сцена, заедно со оркестарот на македонската опера и балет е нешто кое навистина може да се почувствува само на сцена. Оваа година ја изведував аријата на Маргарита од операта Фауст од Ш. Гуно, која бара доста работа и се разбира доволно искуство. Настапот помина и подобро од очекуваното, на што потврди публиката како и мојата професорка, Весна Ѓиновска Илкова. На факултетот за музичка уметност има доста наши сограѓани со кои нашиот Охрид ќе се гордее во иднина, вели Буџакоска за Супер радио и OhridPress.
Таа е вљубеник во музиката уште од најмали нозе, а во 2017 година имаше забележителен настап на талент шоуто Ohrid SUPERSTAR. За нејзините желби за иднината, тогаш во интервју за Супер радио и OhridPress, со тогашните само 15 години изјави:
„После 5 години се гледам и би требало да се гледам во прва година на факултетот за музичка уметност, секако дека и по неговото завршување ќе продолжам да се занимавам со музика на било каков начин и мислам дека ќе бидам успешна на тоа поле. (Амбициозно нели?).“
Амбициозно, остварливо и се остварува.
Честитки од комплетните редакции на Супер радио и OhridPress. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива