Охрид, 18. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нашите Moira, Fiction и Lufthansa се меѓу финалистите за годинешната награда „Милан Младеновиќ“.
Moira е во конкуренција со песната „Арома(н)тична“, Fiction со „Допир“ и Lufthansa со песната „Кула“.
Задужбината на Милан Младеновиќ во мај годинава, под слоганот „Пријави ја твојата песна“ распиша конкурс за наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година.
Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичкото творештво кое се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан, а се доделува за најдобра песна од поранешна Југославија на церемонијата на 21-ви септември – роденденот на Милан. Меѓу лауреатите на оваа престижна награда пред две години се најде и македонската пејачка Дина Јашари, па оттаму Конкурсот последниве години со нетрпение го очекуваат сите кои се дел од македонската музичка сцена.
За победникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година одлучува регионално жири составено од Ања Рупел (Словенија), Дубравко Јагатиќ (Хрватска), Макс Јуричиќ (Хрватска), Никола Врањковиќ (Србија), Светлана Ѓоловиќ (Србија).
Стручното жири прво ќе избере 12 финалисти кои ќе бидат објавени на промотивна компилација во продукција на Фондацијата „Милан Младеновиќ“, а добитниците на овогодинешното признание ќе бидат наградени и со парични награди. Наградата е 3.000 евра. Фондацијата „Милан Младеновиќ“ воспостави долгорочна соработка со фестивалот EXIT, а добитникот на наградата „Милан Младеновиќ“ за 2024 година автоматски ќе биде вклучен меѓу изведувачите на EXIT за следната, 2025 година.
– Награда ќе добие и најиновативниот тапанар, како и најинтересниот вокалист, а годинава за прв пат ќе биде доделена и наградата за најдобар текст, порачуваат организаторите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива