Охрид, 4. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пожарот кај охридското село Опеница утрово се гаси од воздух, со помош на два хеликоптери.
Со тоа продолжуваат напорите да го санираат пожарот кој е активен веќе четврти ден во близина на селата Косел, Опеница, Вапила, Куратица и Расино.
Екипата на OhridPress утрово ги сними леталата како постојано полнат вода од Охридското Езеро и ги гасат потешко пристапните предели.
Вчера беше вклучена и тешка механизација чија задача беше да направат појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот.
– Поголемиот дел од теренот е веќе обезбеден, а останува уште помал дел каде се работи во моментов и се прават засеци директно низ огнот. Екипите ќе работат на терен се’ додека не се обезбедат сите локации, информираше вчера градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес